Лидерски состанок во Скопје: На маса план за раст од 6 милијарди евра за регионот
Лидери на држави од Западен Балкан седна на заедничка маса да преговараат како ќе се дели колачот вреден шест милијарди евра, пари кои ги нуди Европската Унија за раст на економиите од опкружувањето.
Освен премиери и претседатели на држави од регионот, на состанокот во Скопје пристигнаа и политички претставници од Европската Унија и САД. Повеќе од 30 медиумски куќи од Македонија, регионот но и пошироко ги следеа случувањата од состанокот на лидерите од прес центарот, а средбата беше еден кат подолу во хотелот каде што се одржуваше овој самит на Западен Балкан.
Сите изјави претходно на политичарите за заедничо освојување на европскиот пазар паднаа во вода, кога на неколку минути до најавената прес конференција на која требаше изјава да дадат сите, застанати еден до друг се откажа. Лидерите решиле секој сам да дава изјава, во посебно простории.
Регионално здружување, зеднички пристап, здружно делување, обединети сме посилни, прогрес на цел регион, ова беа петте клучни поенти кои што ги дадоа лидерите на држави од Западен Балкан. Но, кога дојде време да имаат заедничка пресконференција и петте лидери да бидат качени на бината и оттаму да даваат изјави пред медиумите од целиот регион, решија тоа не се случи. Туку, секој посебно да има пресконференција со медиуми од сопствената држава. Во нашиот случај премиерот Димитар Ковачевски на бината беше само со претставникот на САД, Џејмс о Брајан.
Премиерот Ковачевски не гледа никаков проблем, со образложение дека гостите брзале поради други обврски. Тој посочи дека новинарите можеле да бидат присутни на која и да сакаат пресконференција.
„Дел од лидерите требаше да заминат и затоа во исто време се држеа пресконференции за медиумите кои имаа интерес да ги следат нивните изјави.“ – рече Ковачевски.
Но, премиерот по се изгледа дека не го информираа од неговиот кабинет дека на медиумите од Македонија, Косово и Албанија не им беше дозволено да бидат дел од предот на српскиот претседател Вучиќ, а истото се случи и кога изјави даваа лидерите од Косово и Албанија, односно Курти и Рама, секој само пред своите новинари информираше за настанот и надвор од него, за останатите вратата беше заклучена.
Генералниот директор за проширување на унијата со држави од регионот, Герт Јан Копман потенцираше дека доколку државите не ги исполнат очекуваните реформи не треба да се надеваат на дел од парите од овој План за раст. Наместо индивидуален пристап, потребно е заеднички да се напредува на патот кон Европската унија, рече межународниот претставник.
„Вие не треба да ги блокирате вашите соседи. Сакаме да дојдете со нас. Може да се блокирате самите себе. Ако не ги блокирате вашите соседи, ќе ве примиме. Но, ако ги блокирате соседите, нема да биде можен пристапот до внатрешниот пазар. Заедничкиот трошок од несоработката е многу висок. А потенцијалот е огромен. Зоната за единствено плаќање во ЕУ може да донесе многу пари.“ – рече Герт Јан Копман генералниот директор за соседство и преговори за проширување во Европската комисија.
Дел од лидерите од регионот на состанокот потенцираа дека засега од унијата добиваат повеќе ветувања, од колку реална поддршка и бенефиции.
„Имам една голема молба,за сите од регионалните организации и ЕУ, да ни помогнете со некои прашања, со тоа што ќе мора да решиме некои тешки проблеми со кои ќе се соочиме.“ – рече Александар Вучиќ претседател на Србија.
„Кикириките кои ги добиваме од ИПА не се релавантни. Велам дека јазот помежу она што го земаат земјите членки затоа што се дел од ЕУ помеѓу тоа што ние го добиваме е навистина разочарувачко.“ – рече Еди Рама премиер на Албанија.
ЕУ на располагање на земјите од Западен Балкан им стави на располагање шест милијарди евра за развој на економиите, но за да се добијат дел од парите потребни се реформи кои се видливи, а не само законски решенија напишани на хартија.