Лесно за разрешување, тешко да се избере нов – одложена седницата за претседател на Судскиот совет
Со само 7 гласа, многу лесно вчера Судскиот совет ја разреши претседателката Дамева, но денеска кога требаше да изберат нејзин наследник не можеа да гласаат иако беа присутни вкупно 12 членови со полно право на глас од вкупно 13. Потпретседателот Селим Адеми се пожали дека седницата треба да се одложи бидејќи членовите на Советот се договориле кога ќе се направи изборот на новиот претседател да бидат присутни сите членови.
Разрешената претседателка Весна Дамева не сакаше да гласа без да отвори расправа за предлогот на Адеми.Процедурално го праша својот поранешен заменик зошто веќе 2 дена бара одложување и дали тоа се прави за да се постигне мнозинство од 8 гласа за нов претседател?
Дамева му порача на својот заменик Адеми дека мора да ги заштити колегите од какво било можно влијание, притисок или закана.И денеска и вчера ја немаше Мирјана Радевска-Стефкова, но вчера се гласаше за разрешување на Дамева. На денешната седница требаше да се расправа за мерките што треба да се преземат против „спасителот“ на Сашо Мијалков, судијата Енвер Беџети. Рочиштето беше одложено за 2 мај.