ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Лебот поскапува, ќе јадеме ориз и компири

Земјоделците велат дека нема простор за зголемување на цената на лебот, бидејќи мелничарите им ја откупуваат пченицата за џабе. За мелничарите, пак, причината за зголемување на цената на лебот и белите печива е растот на цената на пченицата на светските берзи, порастот на цената на репроматеријалите и на цената на струјата за индустриските капацитети. Тие ги отфрлаат обвинувањата од земјоделците дека немаат основа за зголемување на цената на лебот, бидејќи пченицата ја откупиле по цена од 10,5 денари за килограм, па според нив цената на лебот не треба да биде повисока од 20 денари.

Од Асоцијацијата на земјоделци на Македонија велат дека нереално е барањето на мелничарите да се зголеми цената на лебот при откупена пченица по 10,5 денари за килограм со која се покриени домашните потреби до крајот на годинава.

–Пченицата речиси 80 отсто е веќе откупена по цена од 10,5 денари за килограм, а до крајот на јануари наредната година имаме домашна пченица од 26 милиони килограми за задоволување на потребите на мелничка индустрија. Уште при откупот реагиравме дека цената на пченицата е ниска, но, таа наша реакција не беше прифатена со објаснување дека имаме евтин и квалитетен леб. Имајќи предвид дека и ние сакаме да имаме евтин леб, ја прифативме таа цена од 10,5 денари за килограм. Откупот на пченицата заврши, сега веќе имаме најава за зголемување на цената на брашното, на лебот и на белите печива, но и за зголемување на откупната цена на пченицата која е веќе откупена, вели претседателот на Асоцијацијата, Перо Стојкоски.

Според него, во земјава немаме потреба за увоз на пченица до крајот на јануари и дотогаш не треба да се зголемува цената на лебот, во спротивно доколку се покачи цената на лебот од мелничарите ќе бараат да им бидат исплатени дополнителни средства за пченицата бидејќи ја продале по ниска цена.

Цената на пченицата само за еден ден се качи за 7 до 10 отсто, што според мелничарите е само еден од факторите за пораст на цената на лебот. Освен вртоглавиот раст на цената на пченицата, порасна и цената на струјата, енергенсите, репроматеријалите…

-Споредено со ланската жетва цените на пченицата и јачменот се качени за 20 отсто, во меѓувреме на светските берзи се качија за уште 20 отсто. Цената на струјата што ја плаќаат индустриските капацитети за една година е зголемена за 100 отсто, енергенсите за 20 отсто, репроматеријалите за производство за 50 отсто. Сето ова придонесе до зголемување на цените за брашното за 20 отсто, а се очекува да се зголеми за дополнителни 20 отсто.  Ова ќе предизвика зголемување на цената на лебот и на другите пекарски производи, изјави за ВЕЧЕР, Горан Малишиќ, претседател на мелничко-пекарската индустрија.

Тој додава дека цената на лебот и на белите печива ќе продолжи да расте и тоа не само кај нас туку и во другите земји од регионот и тоа е глобален тренд кој никој не може да го спречи.

Како резултат на раст на производните трошоци храната и натаму ќе поскапува. Голем дел од прехранбените производи веќе се поскапени, а се очекува цените да продолжат да растат и во наредниот период. И Народна банка евидентира раст на цените над очекувањата, а тој тренд се очекува да продолжи заради неизвесноста на странските пазари.

Заев: Нема никаква причина за покачување на лебот

Растот на цените, кој во моментов се случува во државата е помал од генералниот раст на цените на светско ниво, вели премиерот Зоран Заев според кого нема никаква причина за покачување на лебот.

-Знаете дека корона кризата предизвика одредени проблеми, кои направија покачување не само на прехранбени продукти, туку и на метални производи и други производи. Кај нас се уште инфлацијата е 1,8 отсто. Коригирана е во буџетот и очекуваме да не помине 2,2 отсто. Тоа е во рамки на нормална, државата е секогаш тука да интервенира, рече Заев во одговор на новинарско прашање.

Заев напомена дека и намалувањето на ДДВ на цената на струјата од 18 на пет проценти е токму еден од најважните услуги. Како што рече, цената сè уште се одржува стабилно, без да се покачува.

Тој посочи дека се интервенира и со други мерки и таму каде што е потребно, се со конечна цел да имаме стабилни нивоа на цените. Заев рече дека засега нема никаква причина за покачување на лебот.

-Засега нема никаква причина за покачување на цената на лебот, затоа што условите се исти, државата секогаш интервенира и на сметка на државата прави откуп на вишоците на државните резерви, а после исто така на сметка на држава ги пушта во промет, сè со цел да биде балансер на цената на прехранбените продукти меѓу кои овде е значајно брашното и лебот, рече Заев.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.