Лажните дојави за бомби доаѓаат од моќен центар
Ова е хибридна војна, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски на прашањето за лажните дојави за бомби кои изминативе три месеци ги вознемируваат граѓаните. Безбедносните аналитичари велат дека поголемата слика е дестабилизација на Балканот кој сака евроинтеграција и зад нив стои моќен центар.
Македонските власти се децидни, лажните дојави за бомби се хибридна војна. Министерството за внатрешни работи интензивно соработува со НАТО и партнерските служби од другите земји во обиди да се откријат сторителите, велат тие.
„Скоро апсолутно е невозможно да се детектира од каде доаѓа дојавата“. Ова е ставот на премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање што се презема за да се најдат дојавувачите на бомби.
Средни и основни училишта, трговски центри, станбени згради, министерства и други институции речиси три месеци се мета на лажни дојави за поставени бомби во земјава. До сега полицијата соопшти дека е поднесена една кривична пријава до Обвинителството против малолетник кој е осомничен дека од компјутерот на маајка му креирал електронска адреса преку провајдер што нуди нуди криптирање и заштита на комуникацијата и на 4 декември испратил заканувачка порака за поставени експлозиви во четири средни училишта.
Заканувачки пораки од анонимна електронска адреса со еден клик речиси секојдневно пристигнуваат до неколку институции. Бомба до сега не е пронајдена, но алармот кој го покреваа дојавите за нив шири паника меѓу луѓето и ги истоштува безбедносните капацитети.
И во регионот слична ситуација
Слична е ситуацијата и во регионот каде што од март годинава, српски, хрватски, босански и црногорски полицајци од антитерористичките единици работното време го поминуваат на терен во проверка по лажни дојави за поставени бомби.
Професорите по безбедност тврдат дека зад хибридната и софистицирана војна во регионот која има за цел негова дестабилизација, стои еден добро организиран центар кој со ширење на страв работи на дестабилизација на државите.
Претседателот на Евроатланскиот совет на Македонија Исмет Рамадани смета иницијалната каписла за хибридните напади е осудата од земјите од регионот на руската агресија врз Украина.
„Мислам дека е јасно дека сето ова има еден извор, а тоа е Путиновата Русија која на еден начин шири страв низ земјите каде што мисли дека може да има некакво влијание со тоа што употребува хибридна војна односно најави за бомби. Треба да бидеме свесни дека постои посебен баталјон во Санкт Петерсбург во руската федерација кој се бави со хибридни војни и кибернетички напади и тој таканаречен баталјон на Санкт Петерсбург се ангажира со сите потенцијали за овој вид војна и секаде каде што мислам дека треба да ги употребуваат овие методи за напади ги употребуваат“ вели Рамадани.
Хибридните напади се закани кои имаат цел да поткопаат или наштетат на нечиј углед и статус, независно од тоа дали станува збор за индивидуа, колектив, институција, држава. Тие се комбинација од воени и невоени средства, вклучувајќи дезинформации, сајбер-напади, економски притисок.
Според професорот за безбедност Стеван Буџаковски, во потрагата за тоа кој стои зад хибридните мерки треба да се погледне и во домашниот но и соседниот двор.
“Јас сметам дека одредени политички субјекти, дали е тоа од Македонија или од соседните држави користат вакви современи методи на хибридни средства за дестабилизација за постигнување на политички цели“.
Буџаковски додава дека не може да се исклучи ни тезата дека во позадина може да стои и центар кој има интерес да го дестабилизира Балканот кој има интерес да се интегрира во ЕУ.