КФОР го разгледува барањето за враќање на одреден број на српски војници и полицајци во Косово
Осми ден на барикадите во Косово, административните премини Јариње и Брњак остануваат затворени. Не работат ниту училиштата на северот на земјата, а КФОР, во меѓувреме, го разгледува барањето за враќање на 1.000 припадници на српските безбедносни сили, согласно Резолуцијата 1244.
„Внимателно ја следиме ситуацијата на северот на Косово. КФОР има способност и персонал да овозможи безбедно опкружување и слобода на движење на сите заедници, врз основа на Резолуцијата 1244 од 1999 година“, се вели во соопштение на КФОР на Твитер.
Српските медиуми објавија и за четврто апсење на припадник на косовската полиција, но и за постоење на наводен список за „лов“ на Срби на кој, според нив, има 230 лица. Меѓутоа косовската полиција демантира ново приведување на припадник на полициските сили на Косово од српска националност, а министерот за внатрешни работи Џељаљ Свечља негира постоење на листи по кои се апсат поранешни полицајци.
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ пред денешниот 11-ти Конгрес на СПС го посочи косовскиот премиер Албин Курти како најголема пречка во дијалогот меѓу Белград и Приштина. Нагласи дека неговата земја е подготвена за дијалог, но истакна дека има и црвени линии во процесот.
Ситуацијата на северот на Косово е статус-кво во однос на претходните денови. Изминатата ноќ мина мирно, иако на северот на Митровица се слушнала барем една детонација. За понеделник се најавува можност за отворање на основните училишта кои не работат од почетокот на оваа недела. Кризниот штаб на северот на Косово соопшти дека е донесена одлука за испраќање на барање до локалните самоуправи за продолжување на наставата за основците со физичко присуство, а онлајн за средношколците.