Курц и Путин разговарале за производство на руската вакцина во Австрија
Австрискиот канцелар Себастијан Курц разговарал со рускиот претседател Владимир Путин за испорака и заедничко производство на руската вакцина против коронавирусот „Спутник 5“.
Како што беше соопштено во Виена, разговарано е за испорака на руската вакцина во Австрија кога ќе биде истата одобрена за употреба од страна на Европската агенција за лекови.
Како што пренесуваат австриските медиуми, сепак, засега не е познато дали кај Европската агенција за лекови е поднесено барање за одобрување на „Спутник 5“ вакцината. Додека Кремљ тврди дека таквото барање е предадено, од Европската агенција за лекови велат дека нема постапка за одобрување на вакцината.
Австрија, заедно со Израел и Норвешка се залага за заедничко производство на руската вакцина против коронавирусот, за разлика од повеќето земји членки на Европската унија.
Канцеларот Курц минатиот месец нагласи дека дискусијата околу вакцината мора да биде водена без геополитички ограничувања.
Тој истакна дека Австрија, после одобрувањето, сигурно ќе се залага за ставање на располагање на своите производствени капацитети во земјата за производство на руската или кинеската вакцина.
“Polymun Scientific” од Клостернојбург веќе сега ги произведува компонентите за вакцината на „Фајзер“, а во иднина оваа лабораторија би можела да има улога во производството на вакцината „Спутник 5“.