Курти: Имаме историска одговорност

Собранието на Косово синоќа со 67 гласа за и 30 против избра нова влада на чело со Аљбин Курти. Владата е изгласана со гласовите на пратениците на движењето Самоопределување и малцинските заедници, без Српска листа и партиите од опозицијата. Курти претходно ја отфрли можноста за формирање влада со некоја од албанските партии, наведувајќи дека нема да го направи тоа бидејќи биле дел од претходните режими.
Седницата за избор на владата следеше само неколку часа откако во текот на денот беше конституиран осмиот состав на парламентот според резултатите на февруарските предвремени избори.
Курти во своето прво обраќање како нив премиер на Косово кажа дека очекувањата на граѓаните се големи, и дека тој и неговата влада имаат голема одговорност. „Нема сомнеж дека овие избори беа историски, одговорноста е исто толку историска“, кажа Курти.
Тој претходно, на почетокот на седницата, ги претстави приоритетите и истакна дека „нема нормализација на односите со Србија ако не се признае реалноста на независно Косово“. Тој кажа дека главен приоритет на владата е борбата за надминување на ситуацијата создадена од пандемијата, а дека потоа доаѓаат правдата, вработувањето, економскиот развој и реформа на образованието.
„Пандемијата е главниот предизвик, без губење време ќе смислиме план за нови мерки и ќе имаме цел да вакцинираме 60 отсто од населението. Ќе продолжиме со проверувањето за воспоставување на правдата, образованието ќе биде исто така реформирано“, кажа Курти.
Околу односите и дијалогот со Србија, Курти кажа дека „без признавање на реалноста на независно Косово и прифаќање на вистината од страна на Србија не може да има нормализација на односите меѓу двата народи и двете земји“. Кажа дека Косово со Србија има отворени прашања кои треба да се решат со дијалогот, но додаде дека не може да се постигне напредок ако нема напредок во решавањето на судбините на исчезнатите на Косово. Курти додаде дека „со реципроцитет ќе се унапредуваат односите со соседите“.
Подвлече дека патот кон интеграцијата во ЕУ може да биде тежок, но дека нема алтернатива.
На коститутивната седница на собранието на Косово вчера за претседател беше избран членот ан Самоопределување Гљаук Коњуфца, кој како претседател на собранието сега по функција е вршител на должноста претседател на Косово.