ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Курти до Белград: Поддржувајќи ги Путин и Лавров ја напуштате Европа

Косовскиот премиер Аљбин Курти порача дека „обидот на Србија да ја дестабилизира ситуацијата на Косово нема да успее“. Курти тврди дека обидот на српските власти ќе биде неуспешен, бидејќи, според него, Косово е силна демократија. Тој кажа дека од 1 ноември се изречени опомени на возачите на автомобили кои имаат регистарски таблички издадени од Србија на територијата на Косово.

„Тоа е наследство од режимот на (Слободан) Милошевиќ. До денес се изречени вкупно 843 опомени. Инциденти немало. Така ќе продолжиме три недели, односно до 21 ноември, кога ќе почнат казните по закон. Во меѓувреме, граѓаните со нелегалните регистарски таблички КМ, ПР и така натаму, ќе можат да ги сменат за легални РКС со големи даночни олеснувања.

Претставниците на Српска листа минатата недела кажаа дека ќе организираат жесток отпор. Меѓутоа, не го дочекаа 21 ноември, а Белград почна со закани и подготовки за дестабилизација на Косово. Значи, нешто друго е во прашање. Јасно е за што станува збор: претседателот на Србија ги лажеше и ги разочара и Американците и Европејците, многу често се сретнува и се координира со рускиот амбасадор во Белград.

Бидејќи Србија не е демократска земја, станува оружје на Кремљ. Исто така, се чини дека поранешниот портпарол на партијата на Милошевиќ, сега министер за надворешни работи на Србија, е помоќен од поранешниот министер за информирање на Милошевиќ, сега претседател на Србија. Ова е нивна лична борба за власт, не за граѓаните или за државата“, кажа Курти.

Тој оцени дека Србија со Кумановскиот договор од 1999 капитулирала и се простила од Косово. Поддржувајќи ги Милошевиќ и (Војислав) Шешељ пред четврт век, кажа Курти, српските власти го напуштиле Косово.

„Денес поддржувајќи ги (рускиот претседател Владимир) Путин и (шефот на руската дипломатија Сергеј) Лавров ја напуштате Европа. Ги повикувам сите граѓани на Србија на Косово да го задржат мирот и безбедноста. Не сум јас премиер против вас, но Белград е против мене. Јас сум премиер кој ќе ви служи почитувајќи ги уставноста и законитоста на Република Косово.

Ги повикувам косовските Срби да не ги бојкотираат институциите на Косово. Да ги чуваме демократските и европските вредности на владеење на правото, човечките и малцинските права и слободи, политичкиот плурализам“, заклучи Курти.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.