Кремљ: Нема да брзаме со заклучоци, за идните чекори ќе одлучи претседателот Путин
Официјален Кремљ денеска соопшти дека има простор за продолжување на дијалогот со САД, но дека очигледно е дека Вашингтон не ги зел предвид главните безбедносни барања на Русија, поради што нема многу простор за оптимизам.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Москва нема да брза со донесување заклучоци откако САД вчера официјално одговорија на нивните предлози за преобликување на безбедносните аранжмани во Европа, пренесува „Ројтерс“.
„Сите овие документи ги има и претседателот (Путин). Се разбира дека треба време за анализа. Нема да избрзуваме со никакви заклучоци“, рече Песков.
Опишувајќи ги тензиите на континентот како алузии на Студената војна, Песков рече дека на Москва ќе ѝ треба време да го преиспита одговорот на САД и дека во интерес на Москва и Вашингтон е да продолжат со дијалогот, иако, според него, има малку простор за оптимизам по изјавите. САД и НАТО велат дека главните барања на Русија се неприфатливи.
„Врз основа на она што нашите колеги го кажаа вчера за главните категории наведени во тие нацрт-документи, не можеме да кажеме дека се земени предвид нашите размислувања или дека е покажана подготвеност да се земе предвид нашата загриженост“ – рече Песков.
Тој додаде дека Кремљ смета дека има мала причина за оптимизам по американскиот одговор на руските предлози за безбедносни гаранции.
На прес-конференцијата Песков потсети на изјавите на американскиот државен секретар Ентони Блинкен и на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, кои „апсолутно недвосмислено ја отфрлаат главната загриженост изразена од Руската Федерација“.