Кремљ ги критикуваше САД: Вашето пријателство со Украина би можело да биде многу опасно
Кремљ кажа дека американската воена помош на Украина би можела да го поттикне Киев да се однесува непредвидливо и опасно во конфликтот на истокот на земјата и изрази жалење поради американско-украинското пријателство за кое кажа дека е мотивирано од спротивставувањето на Русија.
Американскиот претседател Џо Бајден му кажа во средата во Вашингтон на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Соединетите Држави се „цврсто посветени“ на територијалниот интегритет на Украина и дека ѝ понудиле 60 милиони долари нова безбедносна помош.
Украинците борци се борат со бунтовнички проруски сили во источниот регион Донбас од 2014 година, а во конфликтот животите досега ги изгубија 14.000 луѓе.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изрази загриженост поради плановите за американска воена помош, на прес-конференција во Владивосток на крајниот исток на Русија.
„Веруваме дека тоа потенцијално би можело да предизвика непредвидливи постапки од украинска страна во смисла на обид за решавање на украинскиот конфликт со сила. Тоа е многу опасно“, кажа Песков.
„Поедноставно кажано, зборуваме за украинско-американско пријателство против Русија. Односно, тие не се пријатели сами за себе, туку против Русија. Тоа може да биде само причина за жалење“, кажа тој.
Го изрази долгогодишното противење на Москва на желбата на Киев да се придружи на воениот пакт НАТО, напоменувајќи ги коментарите на Зеленски при посетата на Вашингтон.
Зеленски кажа дека Украина направила сè што е потребно за да го заслужи членството во НАТО, кое Киев го гледа како витално средство на одвраќање од Русија. НАТО верува дека Украина мора да прифати дополнителни политички реформи пред да стане членка.