Кој е виновен за намаленото покачување на пензиите?
Власта крати од пензионерите за да има повеќе пари за министрите, обвинува опозицијата. Оттаму велат дека последните законски измени со кои пензиите ќе растат само според растот на трошоците на живот, но не и според просекот на плати во земјата ја отсликува македонската економија. Вицепремиерите од месецов ќе добиваат по околу осум илјади денари повеќе. Од Владата велат дека покачувањето, всушност, било терминолошко усогласување со Законот за Влада.
Две години со криминогената хунта нема пари, нема зголемување на пензиите, а сега и директно ќе земаат од пензионерите. Криминогената хунта во владата не пропушта да си ги качи платите на министрите, не пропушта да дозволи поголеми плати на административците кои одработуваат за нив, не пропуштаат тендери и државни фондови, ама за пензионерите пари нема, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Од Министерството за труд, пак, велат – за помалото покачување на пензиите виновна е претходната влада.
Неодговорното однесување на претходното раководство, погрешните политики и ад хок покачувања на пензии, надвор од законската рамка за 10 години направи дупка од околу 15 милијарди денари во ПИОМ. Пензиите ќе се усогласуваат два пати во годината и тоа 100 отсто со порастот на трошоците на живот, наместо 50 проценти како што беше претходно. Воведена е и законска одредба со која што ќе има дополнително усогласување на пензиите од 1 април, доколку БДП во претходната година има реален пораст над 4 отсто, велат од МТСП.
Од Здружението на пензионери велат дека најпогодени се тие со најниски пензии. Според нив, повеќе од половина земаат пензии кои се пониски од просечната која е 14.421 денар.