ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Кој беше против, а кој за формирањето косовска војска во Советот за безбедност на ОН

Претставниците на САД и на Британија во Советот за безбедност на ОН синоќа ја поддржаа трансформацијата на косовските безбедносни сили во оружена војска, додека Кина и Русија го поддржаа ставот на Србија.

Зборувајќи на вонредната седница на Советот за безбедност, претставникот на САД кажа дека трансформацијата на косовските безбедносни сили во војска е во согласност со Резолуцијата 1244 на ОН.

„Резолуцијата 1244 овластува меѓународно воено присуство на Косово, задолжено за разоружување на УЧК и други оружени групи, и не се однесува на формирањето безбедносни сили“, изјави американскиот претставник, додавајќи дека дијалогот треба да биде приоритет и повикувајќи ги двете страни веднаш да преземат чекори за да ги смират тензиите.

Амбасадорката на Британија Карен Пирс кажа дека нема правна пречка за трансформацијата и дека тој процес спаѓа во надлежноста на суверената држава, но дека треба да се спроведе во договор со КФОР и меѓународната заедница. Според неа, ништо во Планот на Ахтисари, Резолуцијата 1244 и во уставот на Косово не ја исклучува можноста за трансформација на косовските безбедносни сили во војска.

Од друга страна, амбасадорот на Русија во ОН Василиј Небензја кажа дека ја дели загриженоста на српскиот претседател Александар Вучиќ околу ситуацијата на Косово и Метохија и истакна дека трансформацијата на косовските безбедносни сили во војска е „грубо кршење“ на Резолуцијата 1244 и ги загрозува мирот и безбедноста во регионот. Небензја истакна и дека КФОР е селективен во исполнувањето на својот мандат.

Претставникот на Кина кажа дека Пекинг ги почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Србија и ги пофали напорите на Белград да постигне политичко решение со Приштина. За страните да постигнат договор, кажа тој, двете страни мора да ја почитуваат Резолуцијата 1244, и да промовираат толеранција, економски напредок, мир и стабилност на Балканот.

Францускиот претставник ги повика „двете страни“ разликите да ги решаваат преку продолжување на дијалогот и да избегнат ескалација, а Приштина ја повика да ги почитува овластувањата на КФОР. Одлуката за формирање косовска војска, како што кажа, не доаѓа во добар момент имајќи го предвид дијалогот со Белград, Истовремено, ја повика Приштина да ги укине царините против Србија.

И амбасадорот на Холандија кажа дека одлуката на Косово за формирање војска доаѓа во чувствителен момент и дека двете страни мора да покажат одговорност и да избегнуваат ексцеси кои ги поткопуваат дијалогот и меѓусебната доверба и да покажат политичка волја за нормализација преку дијалогот во кој посредува ЕУ.

Претставникот на Перу кажа дека го поддржува процесот на нормализација на односите меѓу Белград и Приштина и дека сите треба да бидат посветени на примената на Резолуцијата 1244 и улогата на КФОР да остане важна. Перу верува дека законите донесени во косовскиот парламент за формирање таканаречена војска на косово не се во согласност со Резолуцијата на ОН и Бриселскиот договор.

Претставникот на Етиопија кажа дека нивниот став останува ист. „Силно ги поддржуваме територијалниот интегритет и суверенитетот на Србија и мирно решение во согласност со постојните меѓународни документи.

Казахстан е загрижен поради формирањето косовска војска, наведе претставникот на таа земја во ОН. „Едностраните мерки го загрозуваат мирот“, изјави амбасадорот на Казахстан.

Претставникот на Екваторијална Гвинеја истакна дека се залага за дијалог меѓу Белград и Приштина и истакна дека таа земја ги отфрла едностраните акции околу трансформацијата на косовските безбедносни сили во оружени сили.

Претставникот на Боливија смета дека одлуката на Приштина не е во согласност со Резолуцијата 1244 и дека претставува кршење на меѓународното право, повикувајќи ги косовските власти да се воздржат од провокации.

Амбасадорот на Брегот на Слоновата Коска во ОН кажа дека формирањето војска на Косово е спротивно на Резолуцијата на ОН и ги повика двете страни да се воздржат од еднострани потези. „Ги повикуваме двете страни да се вратат на преговарачката маса под покровителство на ЕУ за да се намалат тензиите и да се создадат услови за решавање на отворените прашања“, кажа амбасадорот.

Полска, која ја призна независноста на Косово, смета дека транзицијата на безбедносните во оружени сили е прашање на Косово, изјави претставникот на таа земја во ОН, но дека идните оружени сили треба да бидат формирани во рамки на уставот и на инклузивен процес.

Претставникот на Кувајт смета дека одлуката на косовскиот парламент претставува суверено право и дека Косово има право да формира војска во согласност со уставот, иако призна дека разбира дека тоа предизвикува загриженост кај Србија.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.