
Неформалната средба кај Рама вечерва, дел од поканетите ќе ја искористат и за отворање на политички теми.
Иако сите партии на Албанците кои добија покана за вечерата тврдат дека нема утврдена агенда за што ќе разговараат, и знаат само дека се работи за новогодишен прием, во пресрет на средбата Алтернатива на Африм Гаши најави сопствена агенда..
„Имаме сопствена агенда и за истата очекуваме поддршка од сите присутни. Еден од приоритетите е нашиот Уставен амандман за спречување на застарување на кривичните дела поврзани со политичката корупција. Најважно од се’ е дека нема нашиот политички капитал да го жртвуваме за амортизирање на ничија партиска криза. – соопштија од Алтернатива, алудирајќи на тоа што средбата се поврзува и со внатрепартиските проблеми на ДУИ.
Од партијата на Ахмети за Канал 5 тврдат дека одат без претходно подготвена агенда и без некои посебни конкретни прашања коишто би можеле да се решат во тој формат.. БЕСА пак потврди дека Касами не отпатувал во Тирана поради присуството на Ахмети, но во иднина не исклучуваат тет-а-тет средба со Рама.
„Артан Груби, но и Али Ахмети секогаш кога се наоѓаат на
раскрсница и не знаат кој пат да го одберат, односно како да се справат со
моменталната состојба во Владата, тие бараат помош од Еди Рама или
кратко кажано, го употребуваат албанскиот премиер за да им помогне да
излезат од кризата. – велат од БЕСА.
Алијанса за Албанците за која подолг период се шпекулира дека е во активни преговори за влез во власта нема конкретен одговор дали ќе испорачаат нивни барања за јазикот како услов за уставните измени. Попладнево соопштија дека Таравари пред Тирана, во Приштина имал средба и со косовскиот премиер Курти и претседателката на Косово Османи.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека целата организација за средбата на албанските партии со Рама во Тирана била на барање на премиерот Ковачевски. Целта според нив е да добиел помош за продолжување на мандатот на Владата, а за возврат да се реализираат политики штетни за Македонија.
„Димитар Ковачевски е слуга на интересите на Али Ахмети. Кариерата на Ковачевски се состои во исполнување на желбите и барањата на Али Ахмети. Затоа сега Ахмети му фрла гума за спасување на политичката кариера на Ковачевски, а за кусо време ќе го видиме и вториот слуга Димче Апасиев, како само на зборови и без дела ќе глуми патриот.
Инаку, средба во ваков формат имаше во 2017та година кога лидерите на албанските партии, Ахмети, Касами и Села ја договорија заедничката декларација позната како Тиранска платформа.