Косовските челници го потпишаа барањето за зачленување на државата во ЕУ
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, собранискиот спикер Глаук Коњуфца и премиерот Албин Курти го потпишаа денеска барањето за зачленување на државата во Европската унија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во пригодното обраќање по потпишувањето, Османи изјави дека денешниот ден има историско значење за Косово, затоа што покрај аплицирањето за добивање статус кандидат, на овој датум е формирана и војската на Косово.
Според косовската претседателка, како мирољубива и демократска земја која ги почитува човековите права, Косово заслужува да стане дел од ЕУ.
– Во името на Косово преземаме решавачки чекор во рпавец на заживувањето на сонот, за да ја донесеме нашата земја чекор поблиску до ЕУ… Најмладата држава в о Европа, земјата на политичкиот плурализам, на верските слободи, непоколебливиот придонесувач за мирот и безбедноста, заслужува да биде дел од ЕУ. Нашиот пат напред е јасен. Ние сме решени да успееме и ќе го завршиме нашиот дел од работата со цел на ЕУ да ѝ биде полесен патот. Ние преземаме историски чекор за БЕ да се придвижи што побргу кон историската одлука, изјави Османи.