Косово го забранува коцкањето и игрите на среќа
Владата во Приштина усвои нацрт-закон за забрана за сите игри на среќа во следните 10 години. Единствено нема да има забрана за косовската лотарија.
Предлог-законот за забрана за коцкање, предвидува забрана на сите игри на среќа, освен на косовската лотарија, како и укинување на претходниот Закон за игри на среќа и подзаконските акти за негово спроведување.
Доколку овој предлог-закон биде усвоен во Собранието, истиот ќе стапи на сила 15 дена по објавувањето во косовскиот Службен весник.
Кон крајот на минатата недела, на вонредна седница на косовското собрание, со 74 гласови за, се усвои „Резолуција за прекин на активностите на казината и игрите на среќа и дополнување на соодветниот закон.“
Со оваа резолуција, наложено и е на косовската влада да започне законска постапка да се запрат активностите на сите видови на игри на среќа, да се направат измени во законот, но, исто така, да и дадат мандат на парламентарната комисија за буџет и финансии да ја започне постапката за подготовка на новиот закон, со кој се забранува работата на казината и објектите во кои се одвиваат игри на среќа во период од десет години.
Седницата е одржана на предлог на пратеникот на ЛДК Авдулах Хоти, по неодамнешните трагични убиства на двајца млади луѓе во казина во Липљан и Сува Река.
На истиот ден, косовската полиција во соработка со даночната администрација и косовската царина, спроведе акција на територијата на 33 градови во Косово, со која е извршен претрес на 235 казина и обложувалници, од кои 35 се затворени.
На вонредната прес-конференција за новинари, која се одржа по тој повод, беше најавено дека затворените обложувалници и казина немале дозвола за работа, што било и причина за спроведување на таа акција.