ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Конзервативците на Меркел паднаа на историски најнизок рејтинг

Најверојатно последната седница на Бундестагот пред изборите во Германија помина во знакот на предизборна борба. Канцеларката Меркел се заложи силно за Унијата и Лашет и го критикуваше социјалдемократот Шолц.

Поддршката за конзервативниот блок на канцеларката Ангела Меркел падна на историски најниски 19%, покажува последната анкета на институтот Форса. 
На само три недели пред изборите, Социјалдемократите го зголемија водството и сега уживаат поддршка од околу 25% од испитаниците. Зелените се на трето место со 17%, а следуваат Либералите со 13% и десно-радикалната АфД со 11 проценти доверба. 

Константниот пад на партискиот рејтинг, веројатно беше и причината што денеска, во веројатно последниот говор во улога на канцеларка во Бундестагот, Ангела Меркел застана зад кандидатот на партиите на Унијата (ЦДУ/ЦСУ), Армин Лашет и предупреди од евентуална коалиција на СПД, Зелените и Левица. „Не е сеедно кој владее со земјата“, рече таа. Овие избори, според неа, се посебни „зашто претставуваат одлука за правецот на нашата земја во најтешки времиња“. 

Граѓаните, според Меркел, имаат избор помеѓу две опции: владата на СПД и Зелените „која размислува за поддршка од страна на Левица, односно во најмала рака не ја исклучува“, или влада предводена од ЦДУ и ЦСУ со Армин Лашет на врвот. „Најдобриот пат за нашата земја е влада предводена од ЦДУ/ЦСУ со Армин Лашет како канцелар“, рече Меркел. 

Таква влада, според неа, би го донесла она „што на Германија ѝ е потребно“ – стабилност, доверливост, мерка и ориентација кон центарот. 

Ваквите изјави на Меркел наидоа на негодување кај пратениците во пленарната сала на Бундестагот. Канцеларката, пак, ги бранеше невообичаено јасните предизборни изјави: „Боже мој, каква возбуда! Јас сум 30 години, над 30 години член на овој германски Бундестаг и не знам каде, ако не овде, би се дискутирало за вакви прашања?! Ова е срцето на демократијата и за тоа се дискутира токму тука.“

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.