Колкав е реалниот скок на еколошката такса: Постковид еколошко освежување или тежок удар
Државата и досега наплатуваше еколошка такса, но давачката беше многу помала. Од вчера јасно е дека ќе има предлог со зголемување на висината на таксата да се зголемат буџетските приходи и како што вели предлагачот, да се стимулиа искористувањето на еколошки алтернативи и зелена енергија. Познавачите велат дека секаде во светот еколошкото оданочување има посериозно зафаќање, но не се сигурни дали во постковид периодот кога стопанството и граѓаните се ранливи е вистинско време за нови поскапувања. Премиерот Зоран Заев вчера соопшти дека еколошката такса за литар дизел и за бензините ќе изнесува од 1 јули, 3, 5 денари.
При прeсметувањето на конечната цена на горивата Регулаторната комисија за енергетика пресметува еколошка давачка која во моментов за секое гориво има различна висина, но за сите не чини ниту денар, туку многу помалку.
Имено, за бенизните изнесува 0,08 денари, за дизелот 0,03 денари, за екстралесното масло за домаќинство 0,04 денари, а за мазутот е 0,05 денари. Сега, според новиот предлог за сите горива оваа нова давачка ќе изнесува 3,5 денари што значи дека зголемувањето на таксата е за 4,275 проценти кај бензините или за 43,7 пати.
Познавачите велат дека со ова бензините и дизелот ќе останат со најниски цени споредено со многу земји во регионот и ЕУ, но се категорични дека ова зголемување не е соодветно за периодот односно времето по ковид пандемијата и по рецесијата во која е земјава.
Цени на бензините и дизелот
За денеска најавен е став за ова и од коморите, а први реагираа од МАКАМ ТРАНС, здружението на транспортери, од каде изјавија дека ќе анализираат дали ќе протестираат против најавеното воведување на еколошка такса. Од таму велат дека нив транспортерите како превозно средство им се потребни за остварување на комерцијални цели и воведувањето на оваа давачка ќе им ги зголеми трошоците за 4,13 денари по литар. Асоцијацијата веќе испратила допис до Владата и до Министерството за финансии.
Премиерот Заев рече дека еколошката такса е дел од севкупната програма за екологија на Владата.
„Еколошката такса е 3,5 денари за нафтата за да се откажеме од нафта и нафтени деривати и да поминеме на користење на зелена енергија, да се движиме со велосипед, со тротинет и со електрични возила, рече премиерот Заев.
Од дополнителната такса ќе се соберат во буџтот 1,685 милијарди денари (27,3 милиони евра) за едно полугодие или 3,3 милјарди денари за цела година.