Ковачевски: Стратешката грешка што ја направи ЕУ пред 5 год, не може да се реши за пет минути
А, грешката што ја направи, ЕУ ја согледа откако почна војната во Украина, порача премиерот Димитар Ковачевски во рамки на Глобалниот безбедносен форум „Глобсек 2023“. Потсетувајќи за тешките реформи што ги има преземено земјава, Ковачевски порача дека ЕУ, а пред сè Советот на Европа треба да има јасна стратегија за интеграција на преостанатите земји од Балканот што не се дел од Унијата
Стратешката грешка што Европската Унија ја направи пред неколку години, кога на Северна Македонија и на Албанија им беше наметнато вето на европскиот пат, не може да се реши за пет минути зашто стратешките грешки имаат свој ефект во период од пет до 10 години најмалку.
А, грешката што ја направи, ЕУ ја согледа откако почна војната во Украина.
Ова во своето обраќање од панелот „Отворени патишта: Балканот се враќа во игра“ во рамки на Глобалниот безбедносен форум „Глобсек 2023“ во Братислава, го изјави премиерот Димитар Ковачевски.
„Не постои држава којашто требаше да донесе потешки и помачни одлуки од нас. Северна Македонија го промени името за да стане членка на НАТО и членка на ЕУ. И кога се заврши со референдумот, кога Собранието изгласа – НАТО испорача, а ЕУ не. Тоа се факти. Нашата независност како земја ја почнавме пред 32 години како дел од поранешна поголема земја. Создававме институции од ништо. Почнавме од нула. Голем дел од овие институции се изградени заедно со земјите од ЕУ и со поддршката на САД, а тие навистина имаат високи институционални способности“,Потсетувајќи за тешките реформи што ги има преземено земјава, Ковачевски порача дека ЕУ, а пред сè Советот на Европа треба да има јасна стратегија за интеграција на преостанатите земји од Балканот што не се дел од Унијата.
„Дали сметате дека сите земји коишто се приклучиле кон ЕУ биле на нивото на Франција, Германија и Шведска? Не би се согласил. Можам дури и да кажам дека интегритетот на македонското Собрание во поглед на поплаки, во поглед на антикорупција, е многу повисок од оној на Европскиот парламент“,
потенцира премиерот Ковачевски, велејќи „како да се забораваат Копенхашките критериуми за членството во ЕУ“.
Во своето обраќање, меѓу останатото, Ковачевски ја истакна улогата на ЕУ за економски просперитет на Западен Балкан и изнаоѓање начини за меѓународните партнерства, порачувајќи дека, кога станува збор за прашања кои се во интерес на ЕУ, наместо Балканот да се стигматизира, потребно е да се слушнат размислувања и од земјите од Југоисточна Европа.
„Секогаш е добро да слушнеме различни мислења и да извадиме заеднички заклучок“,Премиерот во своето обраќање од Глобалниот безбедносен форум говореше и за кризите со кои земјава, но и цела Европа се соочува изминативе неколку години. Само обединета Европа, порача тој, е одговор кон справување со кризите и предизвиците кои произлегуваат од војната во Украина.
„Приликите кои се случија на европскиот континент го променија светот неповратно во текот на изминатата година и половина. Тоа беше сигнал за владите дека ако сакаме да ја добиеме оваа битка во економска и енергетска смисла мора да направиме многу, да дејствуваме итно, но да бидеме солидарни, сплотени и да делуваме и дејствуваме заедно. Само така можеби и успеавме во текот на изминатата тешка зима да се справиме и со енергетската и со економската криза и да обезбедиме за нашите граѓани непречено снабдување и со енергенси, електрична енергија и храна и да обезбедиме доволно финансиски средства во буџетот за да можат да бидат финансирани сите функции во државата непречено“,