Ковачевски со амбициозен план тргнува во поход: Во СДСМ нема место за дворски игри, шанса ќе добијат и ветераните
Големи се очекувањата од Димитар Ковачевски, новиот лидер на СДСМ кој пред членството се нафати да ја враќа довербата кај граѓаните со драстични промени во владејачката партија зад кои ќе застанат искусни и стручни луѓе – со еден збор професионалци од кои се очекува да прокламираат еден современ менаџмент. Тој и самиот нескромно најави дека не сака да испорачува „бомбастични” промени кои се однесуваат на имиња и презимиња, туку дека сака да влезе во реформска мисија чија крајна цел ќе биде ефикасен систем во служба на граѓаните. Ковачевски, барем според она што досега го кажа во јавноста и пред своите сопартијци им ја отвори вратата на сите што сакаат да работат без компромиси и чесно. Според најавите на новиот претседател во дворот на СДСМ, наскоро ќе нема место за задкулисните игри на поединци во партијата кои своите фрустрации ги вгнездија во партиските крила, колку да роварат поради своето лично незадоволство. Акцент Ковачевски става и на борбата против корупцијата со нови антикорупциски мерки.
ПЛАТИТЕ ЌЕ РАСТАТ, А И ПЕНЗИИТЕ
Во програмата на Ковачевски клучни се три столбови – политика втемелена врз јасни социјалдемократски вредности, растечка економија, односно стабилен и брз раст на економскиот стандард и ефикасно и одговорно управување.
– Можеме да обезбедиме подобар живот на граѓаните, со поголеми плати, месечни примања, но квалитетот на животот е во директна врска со квалитетот на услугите во образованието, здравството, социјалата, редот и мирот, здравата животна средина – најави Ковачевски.
Тој појасни дека основата на сите економски политики и мерки за СДСМ во иднина треба да биде граѓанинот, да се вложува во луѓето и во економскиот стандард , но кога Ковачевски го кажуваше тоа пред своите сопартијци не беше само добро срочен говор за да се купи доверба на краток рок. Напротив, планот на новиот лидер и според бизнис елитата има реална основа да се реализира токму онака како што најави тој во периодот од 2022-2026 година. Тезата дека во СДСМ новите ветришта ќе донесат побрзи промени има своја подлога и во тоа што досега беше направено, а што го потенцира и самиот Ковачевски.
– Минимална плата во 2017 година беше 9.000 денари, денеска изнесува 15.200
денари, односно владата предводена од СДСМ ја зголеми за над 6.000 денари. Тоа се 6.000 денари повеќе секој месец во џебот на работникот, на текстилецот, на сите кои работат многу, а беа платени премалку. Покачувањето на минималната плата мора да продолжи, најпрво на 18.000 денари. Мора да се цени и вреднува трудот на работникот, особено во услови на криза и
можни поскапувања. Нашиот однос кон унапредување на економскиот стандард на граѓаните со пониски примања е искрен, чесен и реално остварлив. Низ инклузивен процес со вклучување на сите, синдикати, комори, ќе дојдеме до прифатливи решенија за сите. Нашата порака е јасна, работници, вашиот труд се цени, тука сме за вас, минималната плата постојано ќе расте – вели Ковачевски.
Во контекст на овие параметри, доволно е да се спомене дека просечна плата во 2017 година кога социјалдемократите го симнаа од тронот режимот на Груевски беше 23.850 денари, а во септември годинава изнесува 28.869 денари. За четири години економските политики на Владата, потсетува Ковачевски, ја зголемија просечната плата за над 5.000 денари.
– Зголемувањето на платите директно влијае на подобрувањето на стандардот на граѓаните и ја стимулира економската активност, продуктивноста на трудот, како и конкуренцијата. Тука е нашиот фокус, со сите останати мерки и економски политики, кумулативниот раст на продуктивноста на трудот да достигне до 15% за да овозможиме и реално зголемување на нето-платата низ целата економија за 11,4%. Тоа значи зголемување на просечната плата за над 3.100 денари или за 50 евра повеќе на месечно ниво. Крајната цел до крајот на мандатот реално ја проектираме на 34.000 денари просечна плата – вели Ковачевски во својата програма.
Очекувањата се дека платите ќе продолжат да растат во сите сектори, но според проекциите на актуелниот заменик министер за финасии и најверојатно иден премиер има добри вести и за пензионерите.
– Просечната пензија денеска е за безмалку 2.000 денари повисока споредено со 2017 година, но тоа не е доволно. На оние што својот труд го вложиле во оваа земја, треба да им се оддолжиме со спокојни пензионерски денови, да имаат и за секој ден и за внуци. Секој јануари и секој јули во годината, пензиите ќе растат помеѓу 400 и 600 денари во зависност од висината на конкретната пензија – најавува Ковачевски.
Во програмата на Ковачевски предвидено е дуплирање на економскиот раст во однос на претходниот период. Инвестиции во јавниот сектор, но и активирање инвестиции од приватниот сектор. Нови работни места со пристојни плати. Одржување стабилен јавен долг и негово намалување. Намалување на невработеноста под 10%.
СИЛНА ЕКОНОМИЈА ПО МЕРКА НА ЕВРОПА
Амбициите на новиот претседател на СДСМ се силна економија, по мерка
на економиите од Европа, кои работат за граѓаните, за компаниите, за сите. Посебно место во програмата е посветено и на зелената економија, дигитализацијата.
– Во рамки на новиот активизам, екологијата и зелената транзиција, за прв пат ќе бидат емитувани зелени обврзници. Зголемено финансирање за подобрена енергетската ефикасност, намалување на загадувањето, олеснување на управувањето со отпадот, поддршка на одржливото земјоделство и многу други еколошки прифатливи проекти – се вели во програмата на Ковачевски.
Планот е во Развојната банка да се формира и Фонд за енергетска ефикасност кој меѓу другото, ќе биде наменет за финансирање инвестиции во енергетска ефикасност и обновлива енергија во јавни згради.
Посебен „Зелен инвестициски фонд” ќе се воспостави за поддршка на инвестиции во големи претпријатија и инфраструктура во приоритетни сектори на Европскиот зелен договор. Ковачевски веќе декларираше дека целосно ќе го застапува Планот за инвестиции на Владата. Инвестиции во енергетиката, патната и железничката инфраструктура, преработувачката индустрија, развој на малопродажба, инвестиции во јавното здравство, во комунална инфраструктура – животна средина (прочистителни станици, селектирање на отпад и сл.) и во туризмот.
Тој посебно ги издвои проектите кои се од клучно значење во време на енергетска криза како што е германската инвестиција за изградба на ветерен парк кој ќе произведува 400 мегавати зелена енергија.
Потоа, проектите за фотонапонски електрани, сопствена инвестиција на државата, од кои 2 по 10 мегавати во РЕК Битола, во Македонски Брод, во Свети Николе, во Кочани, во Неготинско, во Брвеница и на други локации, со капацитет од 60 мегавати. Француската инвестиција на локацијата на порано предвидениот аеродром во Штип од 477 хектари, каде ќе се гради фотонапонска електрана, една од најголемите на Балканот.
– Меѓународниот проект Александропули во кој ние како држава имаме удел, гасна електрична централа од 800 мегавати и терминал за природен гас. Влегуваме во втора фаза на историскиот „Чебрен“, инвестиција на ЕСМ, по пат на јавно-приватно партнерство – вели Ковачевски и потсетува на долгонајавуваниот проект за Клиничкиот центар во Ѓорче Петров, ски центарот Попова Шапка, пречистителната станица за отпадни води во Скопје, фабриката за селектирање и преработка на отпад и многу други проекти кои силно ќе влијаат на економскиот раст и развој.
Во однос на меѓународната политика, стратешката поставеност останува иста, но Ковачевски ја дели разочараноста со народот затоа што и покрај тоа што ги исполнувме условите за почеток на преговори со ЕУ пред државата се уште стои непробојната бугарска брана.
– Не може да очекуваме друг да ни ги реши проблемите. Ние сме суверена држава членка на НАТО која е безбедна, силна и мора да има влада која мора да ги решава пред се проблемите дома. Ние направивме се што беше потребно,. Но, тоа не треба да ни биде единствената карта за успех. Приоритет мора да е домашната политика, реализација на проекти и подобрување на економијата работејќи со професионалци кои знаат тоа да го направат – смета Ковачевски.
ОТВОРЕНИ ВРАТИ ЗА СПОСОБНИТЕ И СТРУЧНИТЕ
За да не остане само список на желби, за да се покренат сите овие проекти во содржајната програма на лидерот на СДСМ неопходно е да се избере тим од способни и стручни лица на клучните позиции и секако да спроведат и досегашните заложби и на претходниот премиер за нулта толеранција на корупцијата, клиентелизмот, непотизмот, едноставно партијата да се ослободи од досегашниот товар. Во тој контекст и самиот Ковачевски најави дека шанса во тимот ќе добијат искусни експерти, стручни и компетентни луѓе, но и нови лица. Вратите ќе бидат отворени и за оние кои што можеби се малку и подзаборавени, но никако непознати за македонската јавност.
– Мојот начин на функционирање е споделување на должности и обврски, на
заедничко делување. Не еден човек за се’, не сите за се’. Заеднички, ама секој во својата област, во својата задача, конкретно и со план, со точни рокови и очекувања – порачува Ковачевски.
Или, како што вели Ковачевски, „кога политиката е опкружена и преплетена со стручност, тогаш таа прераснува во менаџмент.Тогаш се знае дека во ќар ќе бидат граѓаните, а барем според најавите тоа е и суштината на реформска мисија на новиот претседател на владејачката партија 47-годишниот Димитар Ковачевски. Тој е доктор на економски науки, вонреден професор на Факултетот за деловна економија и менаџмент на Универзитетот „Американ Колеџ“ Скопје. Може да се пофали и со успешна кариера која ја почнува во Македонски телеком, каде бил и директор на управување со маркетинг и продажба, на маркетинг комуникации и на резиденцијална продажба, по што станува извршен директор на Оне Вип Македонија, дел од Телеком Австрија Групацијата. Очекувањата од Ковачевски кој беше во партиското раководство и во времето на поранешниот лидер Бранко Црвенковски, се и дека тој ќе може да го изгради мостот на обединување на СДСМ.