Ковачевски: Новата Влада ќе има јасна цел – обебедување, подобар живот и светла иднина за граѓаните
Шефот на државата денеска му го врачи мандатот за состав на влада на новиот лидер на СДСМ. По преземањето на мандатот Димитар Ковачевски најави дека стартува со формирање нов тим луѓе кои, како што рече, треба да одговорат на сериозните предизвици кои ја чекаат земјата. „Живееме во турбулентни времиња, времиња на кризи и неизвесности. Новата Влада јасно ќе ги дефинира приоритетите за работа“, изјави мандатарот и иден премиер. Според најавите, новата влада се очекува да биде избрана на 16 јануари, а новите и старо-новите министри да почнат со работа на 17 јануари.
„За мандатар за состав на владата го определувам Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ“, рече претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски.
„Соочени сме со долгогодишни проблеми кои го попречуваат напредокот на државата и остварување на стратешките цели. Ваквите времиња бараат стабилни, одговорни и храбри луѓе кои ќе понесат одговорност да се соочат и да ги надминат сите препреки со цел заштита и грижа за граѓаните. Новата Влада ќе има јасна цел – обебедување сигурност, подобар живот и светла иднина за нашите граѓани. За тоа е потребно ефикасно, чесно и одговорно владеење што ќе биде одлика на тимот кој јас како мандатар ќе го составам. Моја лична заложба е да ја вратиме довербата на граѓаните во политиката и институциите. Мора сите заедно да се стремиме кон градење независни институции и правично општество ако сакаме да ни веруваат ониe на кои им служиме“, изјави мандаторот за формирање влада, Димитар Ковачевски.