Ковачевски-Макрон: Нема време за губење за членството на С.Македонија во ЕУ
Премиерот Димитар Ковачевски со францускиот претседател Емануел Макрон за време на нивниот телефонски разговор се согласиле дека нема време за губење и потенцирале дека натамошното одложување на почетокот на преговорите за членство на С.Македонија во ЕУ може да има сериозни регионални последици и широко ја отвора вратата за зголемено влијание на трети страни во регионот, соопшти денеска владината прес-служба.
Со тоа прашањето за проширување на ЕУ со Западен Балкан, нагласиле двајцата лидери, го прави сериозно безбедносно прашање. Ковачевски, според соопштението, го нагласил интензивниот политички дијалог во последните неколку години и ангажманот на претседателот Макрон и Франција во однос на процесот на проширување на ЕУ и интеграцијата на С.Македонијa.
За време на разговорот станало збор и за билатералните односи, при што било оценето дека традиционалното пријателство меѓу двете земји, а Ковачевски му ја честитал победата на Макрон на претседателските избори и му посакал успешен втор мандат како шеф на државата.
Конференција за Западен Балкан со лидерите од регионот и од ЕУ ќе се одржи на 23 јуни во Брисел, јави МИА. Франција која во моментов претседава со ЕУ од самиот почеток најавуваше дека ќе организира посебен настан со шесте земји од регионот.
Почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ е блокиран од страна на Бугарија, која во 2019 година стави вето поради прашања поврзани со историјата и јазикот на земјава.