Ковачевски, Вучиќ и Рама ќе одат во Брисел на самитот ЕУ – Западен Балкан
Премиерот Димитар Ковачевски сепак ќе присуствува на Самитот на ЕУ во Брисел.
Тој потврди дека заедно со останатите двајца лидери на Отворен Балкан, албанскиот премиер Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ донеле одлука да присуствуваат на самитот ЕУ- Западен Балкан кој се одржува на 23 и 24 јуни.
– Решивме дека треба, пред земјите пријатели, кои се посветени на напредокот на регионот на економски и политички план и кои се залагаат за брзи и одлучни евроинтеграциски процеси, да ги повториме нашите заложби за европскиот пат на целиот Западен Балкан. Доколку не се обезбеди прогрес на процесот на евроинтеграции, тоа ќе е сериозен проблем и удар врз кредибилитетот на ЕУ на Балканот, напиша Ковачевски на социјалните мрежи.
И од кабинетот на српскиот претседател Вучиќ соопштија дека одлуката за учеството и заедничкиот пристап на самитот во Брисел претставува уште еден чекор во борбата за напредок на нашите земји.
-Свесни сме дека темите за кои ќе разговараме на самитот нема да бидат лесни, но со нашето учество уште еднаш ќе ја покажеме и потврдиме посветеноста на европскиот пат за Србија, Албанија и Македонија,се додава од соопштението.
Еди Рама пак на социјалните мрежи напиша дека:
– Нема да има многу што да се слушне за нас, но ќе бараме да бидеме слушнати за идејата за Нова европска политичка заедница која ја поддржуваме, за Отворен Балкан кој го промовира духот на Европа и за нашето киднапирање од Бугарија што сето тоа го уништува.
Но колку учеството на самитот ќе промени нешто за регионот, ако и тројцата лидери вчера по вонредниот состанок најавија дека ќе се консултираат дали воопшто да заминат во Брисел? Аналитичарот Петар Арсовски смета дека токму самитот е местото каде Ковачевски, Рама и Вучиќ може да упатат критика за досегашното кочење на процесот.
-Иако се забележува една протестна нота во однесувањето на тројцата лидери од Западен Балкан врзано со неуспехот на ЕУ да испорача перспектива за Западен Балкан поради условно кажано заложништвото од страна на Бугарија, стратешки сепак мислам дека е добро да отидат лидерите на самитот бидејќи ниту една дискусија ниту одлука не треба да се случува без ние да учествуваме во неа. Без тие земји да го кажат своето мислење, да ги кажат своите ставови и ако е потребно да ја искритикуваат ЕУ за нејзиниот пасивен однос,изјави – Петар Арсовски – Аналитичар.
Лидерите на шесте земји од регионот се поканети на средба со лидерите на Европскиот совет, која треба да се одржи утре пред почетокот на редовниот јунски самит на Унијата, на кој ќе се разговара за проширувањето.