ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Кина одби втора фаза од истрагата за потеклото на Ковид-19

Кина го одби предлогот на Светската здравствена организација (СЗО) за понатамошна истрага за потеклото на пандемијата со Ковид-19, пренесе Би-Би-Си.

Директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрехесус, претходно повика Кина повеќе да соработува околу почетоците на појавата на вирусот, вклучително и истрага на лабораториите.

Сепак, кинескиот заменик министер за здравство, Женг Јиџин, изјави дека такво нешто е „непочитување на здравиот разум и ароганција кон науката“, додавајќи дека предложениот план е политизиран и дека Кина не може да го прифати.

СЗО во јануари оваа година испрати експертски тим во Вухан, градот каде за првпат беше забележан вирусот во декември 2019 година. Нивната истрага заклучи дека е крајно неверојатно дека коронавирусот бил создаден во лабораторија.

Сепак оваа теорија последниве месеци доби кредибилитет откако американскиот претседател Џо Бајден во мај побара разузнавачките служби да ја разгледаат ваквата можност, а минатата недела директорот на СЗО изјави дека било преурането отфрлањето на поврзаноста помеѓу пандемијата со Ковид-19 и евентуално создавање на вирусот во лабораторија.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.