Кина не му дозволи влез на тимот на СЗО кој треба да го испита потеклото на коронавирусот
На тимот на Светската здравствена организација (СЗО) кој треба да го испита потеклото на Ковид-19 во градот Вухан не му беше дозволен влез во Кина, пишува „Би-Би-Си“.
Двајца членови на тимот веќе биле на пат, а од СЗО велат дека проблемот е во недостатокот на дозволи за визи. Сепак, Кина го оспори ова, велејќи дека деталите за посетата, вклучително и датумот на доаѓање, сѐ уште се договарале.
Долгоочекуваната истрага беше договорена по повеќе месечните преговори на СЗО со Пекинг. Вирусот за првпат беше откриен во Вухан кон крајот на 2019 година.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрехесус изјави дека е „многу разочаран“ што Кина сѐ уште не ги финализирала дозволите за пристигнување на тимот „со оглед на тоа што двајца членови веќе ги започнале своите патувања, а другите не беа во можност да патуваат во последен момент“.
„Бев уверен дека Кина ја забрзува внатрешната постапка за што е можно порано распоредување“, рече тој.
Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Хуа Чунинг за „Би-Би-Си“ изјави дека „можеби има некое недоразбирање“.
„Кинеските власти се во тесна соработка со СЗО, но има некои помали избувнувања на епидемијата на повеќе места низ светот, и многу земји и региони се зафатени со својата работи спречувајќи го вирусот и ние исто така работиме на ова“, рече таа.
„Сепак, ние ја поддржуваме меѓународната соработка и ги унапредуваме внатрешните подготовки. Во комуникација сме со СЗО и колку што знам, сѐ уште дискутираме за датумите и аранжамните“, додаде таа.
На 17 декември, СЗО соопшти дека меѓународен тим од десет научници во јануари ќе отпатува во Вухан за да го испита потеклото на коронавирусот.