Кина го лансира својот прв ровер на Марс (ВИДЕО)

Кинескиот ровер што утрово полета од Земјата кон Марс како дел од првата ваква мисија во кинеската историја ќе ја истражува геологијата на Црвената планета, пренесува Би-би-си.
Роботот на шест тркала беше лансиран во заштитна сонда од вселенската станица Венчанг на ракетата Лонг марч 5, а предвидено е да пристигне во орбитата на Марс во февруари следната година.
Роверот наречен Тјанвен-1 (Прашања до небото) откако ќе пристигне таму уште два до три месеци нема да слета на површината на Марс, што на инженерите ќе им овозможи да ги проценат атмосферските услови на Црвената планета пред да го почнат опасното спуштање.
Оваа стратегија успешно ја користеа американските астронаути во 1970-тите.
Тјанвен-1 е една од трите мисии на Марс во рок од 11 дена.
Обединетите Арапски Емирати во понеделникот го лансираа својот сателит „Хоуп“ („Надеж“) кон Црвената планета, а американската вселенска агенција НАСА за една недела планира на Марс да испрати ровер од нова генерација наречен Перзерверанс (Истрајност).
Кинезите за слетување на роверот избраа рамнина во басенот Утопија, сместена северно од екваторот на Марс.
Тјанвен-1 личи на роверите на НАСА Спирит и Опортјунити од 2000 година. Тежи 240 килограми и се движи со помош на соларни панели.
На високиот јарбол има камери за снимање што помагаат во навигацијата, а пет дополнителни инструменти ќе придонесат за испитување на карпите и за потрагата по вода и мраз.
Кога станува збор за истражувањето на Црвената планета, скоро половина од сите претходни обиди беа безуспешни.
Првиот обид на Кина да го испрати сателитот „Јингухо-1“ на Марс не успеа затоа што неговиот руски носач престана да работи и се урна во Тихи Океан.
Досега само Американците успеваат да спроведуваат подолги операции на Марс.