Катица Јанева за време на својот мандат добила 157 илјади евра „додаток за доверливост
Овие 157.000 евра во периодот од нешто повеќе од 4 години Јанева ги добивала како додаток за доверливост – да не открива што чула во „бомбите“. Дел од тие бонуси е и за кирија (400 евра) и надоместок за тоа што работела надвор од градот во кој живее (по 42 евра), објави Призма.
Најголемиот дел од бонусот е додатокот за доверливост што ѝ бил исплаќан под контото „други трансфери“. Овој додаток секоја година станувал сѐ поголем и поголем – 1.600 евра, па 2.200 и сѐ до 4.000 евра неколку пати во текот на секоја година или вкупно 46 пати.
Овој додаток е дел од Законот за СЈО, а одлуката за висината на тој додаток ја носела сама Јанева.
Додаток на доверливост добивале и другите обвинители и некои вработени во СЈО. Кај Јанева се регистрирани и уште неколку други уплати од Академијата за јавни обвинители, Од Владата и од нејзиното матично обвинителство во Гевгелија.
Катица Јанева од пред два дена е во домашен притвор, а е обвинета за случајот „Рекет“, заедно со Бојан Јовановски – Боки 13 за рекетирање на бизнисменот Орце Камчев. Според обвинението, Јанева добила 50.000 евра и мебел во вредност од 5.000 евра за да му дозволи на Камчев да се брани од слобода и да му го врати пасошот додека за него течела истрагата за „Империја“.
Јанева во периодот додека беше во затворот Шутка побарала и апанажа, односно уште една година да ја зема платата како поранешен функционер, а побарала и пари од т.н. „колективен фонд“ на СЈО за да ја плати адвокатката.