Камчев засега единствениот привилегиран кој можеше да пријави рекет кај Заев
Привилегијата директно да пријави рекет кај премиерот Зоран Заев, засега ја имаше само бизнисменот осомничен за перење пари – Орце Камчев. Заев денеска од владината говорница порача дека сите кои биле мета на изнуда од Боки 13 и Зоки Кичеец, тоа да го пријават во обвинителството, оти премиерот не бил ниту истражител, ниту обвинител. Но, ваквиот став на Заев е контрадикторен зашто Камчев лично му пријавил дека Боки 13 го рекетира. Иако новинарот Бранко Геровски побара средба со Заев за да го информира за бизнис шемата во случајот „Рекет“ за кој пишуваше, премиерот му порача дека е на погрешна адреса.
„Има истражни органи, треба да оди таму да си пријави. Сите докази, сите аргументи на еден жанр како што го направи, ред е да оди да ги пријави заради што презумпцијата на невиност постои за секој, ред е да оди таму да ги пријави. Зошто кај Заев јас не сум истражител. Јас пијам кафе со секој, седам со секој, немам проблем, но на оваа тема нема што да разговара со мене“,, рече Заев.
Во Сојузот на стопански комори пак пристигнала нова поплака од бизнисмен дека бил уценуван од рекет ортаците, Боки 13 и Зоки Кичеец. Станува збор за голема компанија на која не и се открива името. Досега поплака дека бил мета на изнуда, пријавил и бизнисменот Зоран Азманов.
„Има случаи кои што се пријавени. Ние не сме орган за истражување, ниту сме некој кој што треба да ги проследува и работи, меѓутоа сме луѓе кои што ги штитат нашите членови. Има повеќе од еден случај кој што пријавил, дали е за оваа или друга ситуација и се ќе направиме што е во наша надлежност да ги заштитиме членовите и да се потрудиме ова да не се повтори, бидејќи е во интерес на сите нас“, рече Данела Арсовска, претседател на ССК.
Во комората на Северозападна Македонија до сега немало пријава од фирми дека биле мета на Боки 13.
„Во нашата комора немаме таков случај пријавено досега. Нашите членки апелираат до сите медиуми да не се злоупотребува со имиња при случаи дека има некои осомничени без да се води судска постапка. Значи нема пријавени случаи како такви“, рече Дрилон Исени, Извршен директор на Северозападна комора.
Во „Рекет“ засега осомничени се Боки 13 и Зоки Кичеец. Според обвинителството за организиран криминал му изнудиле на бизнисменот Орце Камчев 1,5 милиони евра. Му ветиле дека ќе влијаат кај Катица Јанева и ќе ја стопираат истрагата за перење пари во случајот „Империја“.
Обвинителството соопшти дека имаат и аудио и видео доказ каде се слуша Боки 13 на интерфон, додека се изнудуваат милионски суми, а се слуша глас на обвинител од СЈО. Специјалната обвинителка, Катица Јанева вчера по седум дена молк, рече дека не била дел од „Рекет“ но и дека знаела дека Боки 13 го злоупотребува нејзиното име и презиме.