Како С-400 ќе ѝ помогне на Турција?
Турција наскоро ќе стане единствената членка на НАТО која го користи напредниот руски систем С-400. Какви се карактеристиките на овој систем и зошто Турција ризикува влошување на односите со САД поради него?
Русија започна со испорака на делови за својот систем С-400 на Турција и покрај големото противење на Вашингтон. САД стравуваат дека Москва ќе добие тајни информации за најновиот модел на воениот авион Ф-35, доколку Турција паралелно ги користи С-400 и авионот од петта генерација во истовреме. САД се заканија со санкции поради купувањето, но Турција не попушта.
Системот С-400 „Триумф“ е противвоздушен ракетен систем со максимален дострел од 400 километри и може да погодува цели на висина до 27 километри. Беше воведен во 2007 година. Системот е мобилен и вклучува и контролна соба и неколку лансирни елементи, од кои секој поседува по 12 лансирни рампи. Русија го смета системот за клучен елемент на нејзината противвоздушна одбрана, а нејзината армија го распореди на Крим, како и во Сирија.
Го произведува државната компанија Алмаз-Антеј кој се наоѓа под санкции на ЕУ и САД поради руските акции во Украина. Системот С-400 е развиен за уништување на борбени авиони, крстосувачки ракети, балистички ракети и дронови. Руските медиуми тврдат дека тој е супериорен во однос на сличните системи кои ги произведуваат Франција и САД.
Русите а претходно и Советскиот сојуз секогаш биле водечка сила во ракетната технологија“, вели британскиот воен експерт Ричард Коноли за ДВ. „Причината за тоа е што Американците и Западот произведуваат подобри воени авиони“.
С-400 е флексибилен и може да користи неколку различни типови ракети. Уште една негова голема предност е што е поевтин. „С-400 е двојно поевтин од Патриот-2 системот на САД“, вели Коноли.