Каде се „кршат копјата“ меѓу ДУИ и СДСМ? – Ахмети инсистирал првата година од новата Влада премиер да биде Албанец
Не само позицијата за премиер Албанец, копјата меѓу СДСМ и ДУИ во преговорите се кршат и за бројот на функционерските места кои ги бара сега Ахмети, па оттаму и вчерашната изјава на лидерот на СДСМ Зоран Заев дека се уште се далеку од заеднички договор. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак тврди дека воопшто не почнал преговори со Ахмети иако претходно велеше дека води разговори со партиите за составување мнозинство. Тој демантираше и дека на средбата со Ахмети се согласил на премиер Албанец со ротација 2 + 2 и рече дека никогаш не би прифатил да преговара со диктат и условувања.„Тој рече дека ќе му даде приоритет на СДСМ како победник во македонскиот блок, јас реков не се сложувам, бидејќи ценам дека ние сме победници. Но во ред, ако вие мислите дека е така преговарајте, ви посакувам многу среќа. Се поздравивме и тука заврши состанокот. А, во претходните 45 минути разговаравме на некои теми, сосема од поинаков карактер“, истакна Христијан Мицкоски.