И Kомората на Северозападна Македонија бара одлагање на прогресивното оданочување
Не сопираат реакциите на стопанствениците по најавата за воведување прогресивно оданочување. По Стопанската комора и Сојузот на комори, денеска и комората на Северозападна Македонија бара даночната реформа да се одложи. Ваквиот став го поткрепуваат со мислењето на 546 компании, кои во последната анкета, отворено порачаа дека прогресивно оданочување нема да ги даде очекуваните резултати.
За вакви крупни промени мора да се консултира бизнисот зашто реалниот сектор најдобро знае како тие реформи ќе се одразат на работењето. Ние сме против решенија кои нема да дадат цел, во овој случај нема да им помогне на бизнисите во работењето, вели Дрилон Исени од Комората на Северозападна Македонија.
Не е доволно бизнисот само да се праша дали е ЗА реформата, туку да се направи анализа дали и кои ќе бидат ефектите од неа, вели стопанственикот Мендерес Кучи.
Бизнисот бара зошто се воведува, и каде парите ќе завршат. Тогаш реакцијата може да биде поинаква, па стапката да не биде 8 туку 10 % ако знаеме каде ќе завршат парите. Треба консултација а не брзо решение. Да, со ова дојдовте на власт, но и со многу други ветувања, но што реализиравте, прашува Кучи.
Подетално објаснување на прогресивното даночење бараат и економистите. Кога се ќе се разјасни вели академик Абдилменаф Беџети, ќе се види дека нема негативен ефект врз бизнисот.
Ако дополнителните пари се наменат за продуктивни инвестиции, за здравство, образование ќе има ефективност. Во спротивно ке биде промашување. Кога аспектите ќе се дообјаснат и потрезвено се размисли, нема да има негативен ефект кај бизнисот, смета академикот.
Опозицискта ВМРО-ДПМНЕ пак тврди дека мерката е неиздржана и избрзана, дека ќе ја зголеми сиромаштијата, даночната евазија и сивата економија.
Компаниите и приватниот сектор нема да имаат простор да отвораат нови работни места бидејќи ќе им се зголемат трошоците, даноците, а со тоа ќе им се намалат и приходите кои што ги остваруваат, тврди Димче Арсовски.
По средбата со министерот Тевдовски, Стопанската комора побара одлагање на даночната реформа се дури не се направат широки консултации а во буџетот не се обезбедат плус средства со рационализација на расходите.