И ДОГОДИНА НЕМА ДА СЕ ПЛАЌА ПАТАРИНА НА НОВИОТ АВТОПАТ МИЛАДИНОВЦИ-ШТИП
Јавното претпријатие за државни патишта најави тендер за избор на компанија која ќе ги изгради двете планирани патарини на новиот автопат Миладиновци – Штип и патарината на идниот пат Кичево Охрид. Изградбата на трите наплатни рампи и нивното електронско поврзување ќе чини 13,3 милиони евра, заем од Европската банка за обнова и развој, а Јавното претпријатие ќе вложи и свои дополнителни средства од 700.000 евра.
„Станува збор за кредит со рок на враќање од 15 години со грејс период од 4 години и годишна каматна стапка од 1 процент. Целата административна процедура што ќе започне на крајот од оваа година ќе ја води Европската банка“ соопштија од ЕБОР кога пред неколку месеци го најавија новиот заем за изградба на планираните наплатни рампи.
„Планирано е на патарините да се изградат сончеви панели кои ќе обезбедуваат речиси 50 отсто од потребната енергија за електронско водење на патарините. Од една страна добиваме економска одржливост со соларните панели, а со електронскиот систем ќе се овозможи побрз проток на возилата што ќе придонесе загадувањето да се сведе на минимум. Сите 15 патарини колку што вкупно ќе има на автопатите во државата ќе бидат компјутерски поврзани со оперативниот центар во Петровец кај Скопје“ вели директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов.
Со оглед на тоа што тендерот за двете наплатни рампи на автопатот Штип-Миладиновци ќе трае 60 дена, па потоа ќе биде потребно време избраната компанијата да ги изгради и стави во функција, патарини на овој автопат нема да се плаќаат и во наредната година.
Според планот едната патарина ќе биде изградена кај селото Преод на средината од патот Свети Николе Миладиновци каде за автомобилите ќе се плаќа 70 денари, а другата кај селото Кадрифаково десетина километри оддалечена од Штип каде патарината за лесните моторни возила ќе чини 50 денари. Тоа значи дека од Скопје до Штип преку новиот автопат ќе се плаќаат три патарини со вкупна патарина од 160 денари за користење на автопатот долг 70 километри во еден правец, односно 320 денари во двете насоки.