Италија во френетична битка против корона вирусот
Ново утро во северниот дел на Италија во затишје и пусти улици. Останува ригорозната мерка на властите за карантин на повеќе од 16 милиони луѓе во 14 региони на земјата.
Корона вирусот напаѓа безмилосно, заклучно со денес во Италија вкупниот број на позитивни случаи достигна 7375, а 366 лица се починати. Меѓу новозаразените е и началникот на италијанската армија Салваторе Фарина кој во моментов е во изолациона соба во една од италијанските болници.
Не сите Италијанци ја доживуваат идентично одлуката за карантин. За едни е исправен потег а за други прекумерна реакција на властите.
„Мислам дека мерката е премногу рестриктивна. Да се затвори целиот регион на Ломбардија ми делува како претерана реакција.“
„Мислам дека е исправна, ако се земе предвид дека бројката на инфицирани рапидно порасна. Ако сите строго ги почитуваат правилата и ако тоа ја спречи заразата, ќе правиме се што мораме.“
Воведената забрана за посети во италијанските затвори предизвика низа инциденти. Шестмина затвореници од затворот во Модена починаа како последица од меѓусебните судири.
А стравот од короната отиде дотаму што на мета на властите се најде и нашиот интернационалец Горан Пандев. Министерот за спорт Винченцо Спадафора го прекори македонскиот фудбалер на Џенова бидејќи постигнатиот гол против Милан го прославил прегрнувајќи се со соиграчите. Според него, емотивното славје на Пандев бил лош пример во период кога владее енормна паника од коронавирусот во Италија и ги повика сите фудбалери да се ограничат од меѓусебни контакти.
Во соседството, Ковид-19 тропна и на вратата на Албанија. Нашиот западен сосед ги регистрираше првите два случаи на заболени. Се работи за татко и син кои се вратиле од прошетка во Италија. Тамошните власти забранија јавни собири, ги затворија училиштата и ги откажаа сите летови кон Северна Италија до 3 април. Слични мерки ќе воведува и Бугарија која има четири заболени од вирусот. Во Грција како првентива се ставија клучеви на вратите од 34 училишта. Таму бројката на корона позитивни стигна до 73.
Освен здравствените власти и македонското МНР издаде предупредување да не се патува во северниот дел на Италија поради сериозноста на болеста.