Историската комисија објави што договорила, зошто ќе се слават заеднички пет личности?
Три години по усвојувањето од Владата, официјално обелоденето кои историски личности заеднички ќе ги слават Скопје и Софија, како и што треба да се менува во учебниците во основно образование во Македонија и во Бугарија.
Препораките до Владите во двете земји, кои се всушност усогласени решенија од мешовитата историска комисија, се однесуваат на учебниците по историја за 6-то одделение во македонскиот, а за петти клас во бугарскиот образовен систем, а што се однесува до заедничкото чествување, историчарите од двете страни од Комисијата врз основа на усогласени текстови предлагаат Скопје и Софија заеднички да ги слават Свети Кирил и Методиј, Свети Климент Охридски, Свети Наум Охридски и Цар Самоил.
Средновековниот цар со Бугарија заеднички ќе се слави врз основа на текст во кој е нагласено дека:
„Цар Самоил е владетел на голема средновековна држава, којашто поголемиот дел од современата историска наука ја смета за Бугарско царство со центар во територијата на денешна Република Северна Македонија. Тоа опфаќа значителен дел од земјите и населението на Балканскиот Полуостров. Цар Самоил и неговата драматична судбина се симбол на заедничката историја, којашто се споделува од двете современи држави Република Северна Македонија и Република Бугарија”
За светите Кирил и Методиј се инсистира на порегионален пристап на нивното дело, кое како што се вели, ги поставува основите на христијанската култура и духовност на словенските народи. Нивните ученици Свети Климент и Свети Наум, пак, заеднички ќе се слават врз основа на нивното просветителското дело и придонесот за развојот на писменоста и културата во двете земји, истовремено акцентирајќи ја нивната поврзаност со средновековната бугарска држава.
За почеток, пак, во учебниците во двете земји ќе се менува антиката. Историчарите од двете земји се согласиле дека постојат недостатоци во прикажувањето на овој период во двата образовни системи, а забелешките се главно во историските карти и фактографските непрецизности.
Реципрочно, утврдени се по пет препораки. Во македонските учебници ќе се сугерира дека континуитетот меѓу античка Македонија и современата македонска држава содржат историски анахронизам, како и за неоснованоста за институционален континуитет меѓу мисијата на апостол Павле и средновековните црковни структури што постоеле на територијата на денешна Македонија.
Во бугарските учебници, пак, се препорачува промена на изразот “бугарски земји” во контекст на античката историја, но и повнимателно датирање на појавата на тракиската култура во антиката.
Македонските историчари на денешниот брифинг најавија дека моментално се работи на промените на учебниците од 6-то и 7-мо одделение во двете земји, но без конкретни рокови или притисок за брзи решенија.