ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Имаше и лажен македонски пасош, во Истанбул убиен водачот на Шкаљарскиот клан Јован Вукотиќ

Георги Андонов со македонски пасош издаден преку полициската станица Драчево, едно време беше идентитет на познатиот црногорски криминалец Јован Вукотиќ.

Вукотиќ според црногорските полициски служби е водач на Шкаљарскиот клан, криминална структура која речиси деценија е во судир и во војна со конкурентскиот кавачки клан.

Веб медиумот Вијести од Црна Гора синоќа објави дека Вукотиќ бил убиен во Истанбул. Убиец на мотор испукал во неговиот автомобил десетици куршуми. Вукотиќ починал, додека неговата сопруга и нивното бебе преживеале.

Црногорските медиуми очекуваат потврда од безбедносните служби.

Вукотиќ со лажниот македонски пасош беше фатен во Турција во 2018-та година, бил екстрадиран во Србија каде за лажниот пасош е осуден на 15 месеци затвор.

По неговото апсење, полицијата во Скопје почна истрага под името Двојник во која соработуваа со американските агенции и  оттаму добија стручна  помош за препознавање на лицата на носителите на пасошите.

Вкупно беа откриени околу 200 издадени лажни пасоши, а опозицијата го обвини Спасовски дека тој со негови блиски луѓе во МВР стои зад криминалот. Беа уапсени повеќе вработени во управните служби, но истрагата не откри никој од повисоките структури во МВР иако беше сомнително како службеници и началници во Управните служби успеале да ги активираат лажните пасоши преку два различни информатички системи во МВР.

Лажните пасоши се правеле со податоци и идентитет на македонски државјани од Албанија (Мала Преспа и Пустец), Бугарија (Пиринска Македонија), Србија, Грција или од прекуокеански држави. Овие државјани никогаш немале извадено македонски лични документи.

Инаку Вукотиќ не е единствен припадник на Шкаљарскиот клан кој имал лажен македонски пасош. Двајца црногорски криминалци со лажни пасоши издадени од МВР во Скопје беа убиени во Атина во 2019-та година. Припадник на овој клан беше атентатор кој се обиде да го убие во Украина водачот на непријателскиот Кавачки клан, а имаше лажен македонски пасош.

Меѓу носители на лажни пасоши имаше криминалци од Бразил, Англија, Шпанија, Србија, Косово. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој беше обвинуван за скандалот од опозицијата пред 9 месеци потврди дека сите пасоши се отповикани и прогласени за неважечки.

Убиството на Вукотиќ потсети на огромниот скандал но и на војната на двата црногорски кланови кои шверцуваа кокаин од Јужна Америка во Европа. Престрелките почнаа во 2014-та кога во пристаништето во Валенсија, Шпанија исчезнале 300 кг. кокаин.

Отогаш трае војната на двете банди. Убиени се најмалку 4 случајни жртви кои не припаѓале на групите, а во нападите убиени се 20-тина криминалци од двете страни.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.