Имало или не оставка на поглаварот ИВЗ Сулејман Реџепи?
Имало или не оставка на поглаварот ИВЗ Сулејман Реџепи? Спротивставени информации доѓаат од судот и од таборот на Реџепи за доказот кој доведе до вчерашните превирања во ИВЗ.
Од Граѓанскиот суд потенцираат дека меѓу доказите има и неотповиклива оставката на Реџепи примена на 25 март годинава. Друг доказ е одржана вонредна седница на Ријасетот на ИВЗ пет дена подоцна на 30-ти март, на која била прифатена оставката на Реџепи и бил избран Скендер Бузаку за нов Реис.
Врз основа на овие и други докази од скопска двојка велат дека на 17 април судот постапил по барањето на ИВЗ и донел решение за промена на реисот, со што го запишале Бузаку во единствениот регистер на цркви, верски заедници и религиозни групи. Судот не врши промена на Реисот, туку спроведува одлуки што се донесени на вонредна седница на Ријасетот, велат од скопска двојка и потенцираат дека одлуката не е правосилна.
Реџепи негира дека си поднел оставка, неговите соработници обвинуваат дека станува збор за фалсификат и бараат да се покаже јавно ваквиот документ за да се споредат потписите и печатите.
Од Граѓанскиот суд сметаат и дека не е нивна задача да испитуваат дали оставката била фалсификуван документ или не.
По однос на прашањето на дел од медиумите дали неотповикливата оставка на Реис Ул Улема Сулејман Реџепи е фалсификат или не, Ве известуваме дека тоа може да биде предмет на друга постапка. Во постапка согласно Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група, судот само врши потврда на одлуките донесени од верската заедница и истите ги изразува во Решение за промена. Наведеното дотолку повеќе што сите одлуки во барањето за промена на Реис Ул Улема се со печат на верската заедница и заведени под деловоден број на заедницата, велат од Основниот суд.
Судот не ги коментира изјавите на Реџепи дека одлуката е политичка, но и навредите за судијката Сузана Дончевска.
Периодов нејзиното име се споменуваше во јавноста и по еден друг предмет. Вчера Судскиот совет ја разгледуваше претставката против Дончевска поднесена од Македонската медиумска асоцијација со образожение дека донела незаконска одлука ценовникот на 1ТВ за платено политичко рекламирање да се објави по рокот. Советот одлучи да не ја прифати преставката бидејки се уште нема правосилна пресуда за овој случај.