Илјадници возачи во Германија останаа заробени во снегот, некои и над 16 часа
Германија– Илјадници возачи се заглавени во Германија како резултат на најобилните снежни врнежи во последните неколку години, што предизвика хаос во транспортот.
Обилниот снег предизвика прекин на сообраќајот на автопатот А2 кај градот Билефелд во Северна Рајна-Вестфалија. Некои возачи останаа заробени во снегот по најмалку 16 часа, пишуваат локалните медиуми.
Застојот е предизвикан од камиони заглавени во снегот. Колоните возила се долги над 37 километри и од утрово сообраќајот сè уште не е обновен, соопшти локалната полиција.
На видео снимките се гледа како незадоволните возачи се жалат дека чекале со часови без храна и на температура од -12 Целзиусови степени.
Во другите делови на земјата има неколку сообраќајни метежи, вклучително и Хесен, каде некои возачи се блокирани во нивните автомобили веќе 15 часа.
Министерот за транспорт Андреас Шојер ги повика луѓето да избегнуваат патувања, најмалку до утре.
Северна и Источна Германија се погодени од снежно невреме од неделата. Пријавени се најниски температури во последните години.
Едно лице почина во Билефелд како резултат на невремето.
Железничките услуги се суспендирани или возовите доцнат.
Во наредните денови се очекува намалување на врнежите од снег, но температурите ќе се спуштат до -18 степени Целзиусови. Метеоролозите предвидуваат дека навечер ќе се чувствува како -30 степени.