Израелскиот премиер до младите: Или вакцини или рестрикции

Израел повторно воведе задолжително носење маски во затворен простор поради зголемувањето на бројот на пациенти минатата недела
Израелскиот премиер Нафтали Бенет денеска апелираше до младите Израелци што побрзо да се вакцинираат против коронавирусот, поради зголемувањето на бројот на заразени со делта-сојот, за да не мора повторно да воведуваат рестриктивни мерки.
„Не сакаме да воведеме никакви ограничувања, ниту за забави, ниту за патувања или слично. Но, ако не сакате рестриктивни мерки, одете вакцинирајте се денес. Разговарајте со вашите родители и имунизирајте се“,
рече Бенет по денешниот состанок на израелската Влада.
Израел повторно воведе задолжително носење маски во затворен простор поради зголемувањето на бројот на пациенти минатата недела.
Израелското Министерство за здравство објави во саботата дека 113 лица се новозаразени.
Премиерот рече дека владата ангажирала специјален директор за справување со граничните премини, со посебен фокус на главниот меѓународен аеродром во Израел, за да се спречи ширењето на коронавирусот и другите болести.
Поранешниот воен генерал Рони Нума ќе биде задолжен за следење на граничните премини и „спречување на влегување на короната и идните вируси од светот во Израел“.
Многу нови случаи од минатата недела донеле поединци кои дошле од странство.