Извозот на жито од Украина преку Одеса може да почне од утре
Портпаролот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска потврди дека постои „голема веројатност“ првиот брод со украински житарици утре наутро да тргне од пристаништето Одеса во Украина, според одредбите од договорот постигнат со Русија на 22 јули.
Ибрахим Калин, во интервју за приватната телевизија Канал седум, рече дека остануваат да се решат уште „едно или две прашања“, пренесува Франс прес.
„Бродовите се натоварени и спремни да тргнат, но потребна е логистичка координација“, рече тој.
Анкара објави дека продолжувањето на извозот била тема на разговор меѓу турскиот и украински министер за одбрана.
Заедничкиот координационен центар задолжен за контрола на извозот на украински житарици кон Црното Море официјално беше отворен во средата во Истанбул во согласност со договорот потпишан на 22 јули.
Договорот за укинување на блокадата, прв значаен договор меѓу Русија и Украина од почетокот на војната, има за цел да ја ублажи светската прехранбена криза во која, стравувајќи од недостиг, цените во најсиромашните земји во светот многу се зголемија.
Координациониот центар треба да ги регистрира и следи трговските бродови кои учествуваат во конвоите, да обезбеди сателитско и интернет следење и да изврши инспекција на бродовите во моментот на товарење во украинските пристаништа и при нивното доаѓање во турските пристаништа.