Изборот на Талат Џафери го блокира ДУИ!?
Денеска треба да продолжи конститутивната седница на Собранието и да се избере Талат Џафери за негов претседател, но неочекувано нејзиното одржување влезе во неизвесност наводно поради внатрешните расправии – во ДУИ. Како што наведуваат повеќе медиуми на албански јазик, главната причина за ова е изборот на министрите во новата влада. Наводно, избувнал голем гнев во ограноците на ДУИ во Чаир и Сарај поради предлозите Артан Груби, Бујар Османи и Фатмир Бесими да бидат на чело на клучните ресори што треба да им припаднат на интегративците.
Според тие информации, Груби и Османи не биле поддржани од овие два главни ограноци во Скопје, а пратениците Изет Меџити и Арбен Зибери вчера не дошле на седницата на Централниот совет на партијата кога се одлучуваше за номинацијата на новите министри. Нивната главна забелешка е дека сѐ едни те исти луѓе ги добиваат главните функции во државата од страна на раководството на ДУИ. На Бујар Османи ова треба да му биде трет министерски ресор по здравство и вицепремиер за европски прашања, а на Фатмир Бесими дури четврти – претходно беше министер за економија, за одбрана, вицепремиер, а сега треба да биде и министер за финансии. Ахмети силно притискаше Бесими да биде и гувернер на Народна банка кога му заврши мандатот на Димитар Богов. Во исто време, братот на Фатмир Бесими, Флорин, е и нов пратеник во Собранието. Има големо незадоволство и од именувањето на Артан Груби кој последниве години е десна рака на Ахмети и е организациски секретар на партијата.
Не е целосно познато дали дел од ова незадоволство е и поради фактот што кандидатот за премиер на ДУИ, Насер Зибери, беше отфрлен од комбинаториките за новата влада, откако тој ја водеше целата кампања на партијата на изборите. Арбен Зибери е внук од брат на Насер Зибери и поради неговата јавна поддршка на кандидатурата на чичкото беше разрешен од функцијата директор на Центарот за јавно здравје во Скопје. Министерот Венко Филипче го разреши Зибери поради тоа што ја вклучи политиката во борбата со корона вирусот кога изјави дека тој издејствувал да се отворат границите за да можеле да дојдат Албанците од странство и да гласаат на изборите.
Откако стана јасно дека Артан Груби ќе биде вториот по важност член на владата тој за косовската телевизија Клан изјави дека „имаме многу добри планови за г. Насер Зибери за кои верувам дека се согласува“. Претходно Насер Зибери на медиумите само со два збора ги оцени најавените комбинации за новата влада – „Немам коментар“. Од кандидат за премиер Насер Зибери се претвори во човек за кој раководството на партијата имало „многу добри планови“.
Наводно, Меџити и Зибери не сакале да гласаат за изборот на Талат Џафери за спикер на Собранието поради кадровските решенија за новата влада. Без нив двајца парламентарното мнозинство има само 60 гласа, еден помалку од неопходниот број на гласови.