Избори во Турција: Ердоган е победникот
Висока инфлација, лош кризен менаџмент по земјотресот и ограничена слобода на изразување – Турција е во длабока криза, но Ердоган сепак освои 49,5 отсто од гласовите во првиот круг на претседателските избори.Висока инфлација и невработеност, безмилосна репресија на критичарите, лошо управување со кризи по земјотресот и длабоко поделено општество – Турција е всушност во голема криза. Одговорен за ова е актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој е на власт повеќе од 20 години и кој во земјата со години со својот претседателски систем де факто владее сам.
Очигледно, ниту еден од овие проблеми не му наштетува. На изборите за претседател 69-годишникот помина подобро од очекуваното. Со 49,5 насто од гласовите, му недостигаа само 0,6 отсто да ја надмине границата од 50 насто и да победи во првиот круг од изборите.
Ердоган освои речиси пет отсто повеќе гласови од неговиот ривал Кемал Киличдароглу, од најсилниот изборен сојуз на опозицијата. Вториот круг на изборите ќе се одржи за две недели. И во претстојниот втор круг, претседателот Ердоган има поголеми шанси од неговиот предизвикувач.
Предност пред опозицијата
Според политикологот Емре Ердоган од Универзитетот Билги, партијата АКП и нејзиниот шеф Реџеп Таип Ердоган загубија гласови, но сепак, и покрај пандемијата, економската криза и земјотресот, претседателот сѐ уште е во предност. Тој за малку не ја помина границата од 50 отсто, но и неговата изборна алијанса, Народната алијанса, со освоените 49,5 насто од гласовите исто така, има десет проценти предност пред опозицијата, вели политикологот од Истанбул.Најголемиот сојузник на Ердоган, ултранационалистичката партија МХП, која беше речиси прогласена за мртва, освои повеќе од десет отсто од гласовите. „Тоа не може да се игнорира“, вели политикологот Емре Ердоган во интервју за ДВ.
Според прелиминарните конечни резултати, владиниот сојуз го задржа мнозинството во парламентот со 322 места од 600. Опозицискиот сојуз, кој се состои од шест многу различни партии, освои 213 пратенички места. Загуби забележа и третата најсилна сила во парламентот, прокурдската партија ХДП, која на овие избори ја предводеше „Сојузот за работа и слобода“. Таа ќе испрати само 61 пратеник во идниот состав на турскиот парламент.
Анкетите беа погрешни
Притоа, повеќето анкети укажуваа на победа на опозицијата. Според нив, лидерот на опозицијата Киличдароглу имаше предност пред Ердоган. Сега прелиминарните официјални резултати покажуваат дека сите погрешиле.
Дури и во областите настрадани од земјотресот, АКП оствари висока победа. Во Кахраманмараш, епицентарот на разорните земјотреси од 6 февруари, претседателот Ердоган освои 71,9 отсто од гласовите. Тоа значи загуба од само 2,3 отсто во споредба со претходните претседателски избори.
Дали во овие околности Ердоган и неговата алијанса се апсолутни победници? Не, смета Беате Апелт, шеф на Фондацијата за слобода „Фридрих Науман“ во Истанбул. Таа потсетува дека никогаш на ниту едни избори не било толку тесно за Ердоган и оти тој никогаш не морал да се соочи со вториот круг.
За неа победник е големиот дел од општеството што изрази желба за поинаква политика, повеќе слобода и демократија. Покрај тоа, опозицијата успеа да води заедничка кампања низ многу голем политички спектар.
А предизборната кампања беше сѐ освен фер. Апелт посочува дека околу 90 отсто од медиумите се лојални на владата, а голем дел од населението едноставно е изложено единствено на ставовите и погледите на владејачката алијанса.