ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Избегнат ли е свилен гајтан за обвинителите на СЈО?

Во последен миг била направена корекција на предлог-законската одредба која мириса на „чистка“ на обвинителите на СЈО. Дали таа корекција ќе преживее до изгласувањето на законот за Јавното обвинителство?

Голем број прашања и дилеми во јавноста отвори отвори членот 105 став 8 од предлогот на закон за Јавното обвинителство. Во него се вели дека „Советот на јавните обвинители по истекот на една година од стапување во сила на овој закон избира четири јавни обвинители во СЈО. Со денот на избор на четворицата нови јавни обвинители во СЈО, Советот на јавни обвинители констатира престанок на мандатот на четворица од јавните обвинители“.

Истата постапка е предвидена уште во два наврата, на временска дистанца од шест месеци. Тоа значи дека во вкупно три „транши“ распоредени на период од шест месеци, етапно треба да бидат сменувани по четири обвинители на СЈО, или вкупно 12.

Повеќе:
„Бомбите“ ќе бидат доказ само во обвиненијата до јуни 2017 година

Обвинителство ќе „пресече“ за дилемите на Кривичниот суд

Корекција во последната верзија

Дванесет беше првата бројка на обвинители кои почнаа да работат во СЈО, но набрзо заминаа двајца, по што остана константна „десетка“, плус обвинителката Катица Јанева. За неа е предвидено да ја врши функцијата како јавен обвинител на СЈО уште две години по влегување на законот во сила. Практично, додека трае нејзиниот двегодишен мандат, таа треба етапно да се збогува со сите обвинители кои почнале да работат во нејзиниот тим. Ова произлегува токму од одредбата од членот 105 став 8, каде се вели дека „со денот на избор на четворицата нови јавни обвинители во СЈО, Советот на јавни обвинители констатира престанок на мандатот на четворица од јавните обвинители“. Терминот „нови јавни обвинители“, индицира дека актуелните не би имале право да конкурираат за истата функција.

Minister der neuen mazedonischen Regierung (DW/Petr Stojanovski) Дескоска: За да нема различни толкувања, направивме корекција во последната верзија

Министерката за правда Рената Дескоска Тренеска вели дека и до неа стигнале истите прашања и стравувања.

„Кога слушнавме дека има одредени дилеми во однос на оваа одредба, за да нема различни толкувања, направивме корекција во последната верзија што е испратена до Собранието“, вели Дескоска.

Таа посочува дека бил избришан зборот „нови“ пред терминот „јавни обвинители“. Според неа, со тоа при постапката за избор на нови обвинители јасно е дека секој ќе има право да конкурира, вклучително и актуелните обвинители во СЈО. На веб-страницата на Министерството за правда до утрово сѐ уште стоеше старата, некоригирана верзија.

Како што неофицијално дознаваме, при подготовката на предлог-законот експерти сугерирале дека заради континуитет на институцијата не е добро целиот состав на обвинителството да се обнови во ист момент, односно дека ротирањето на нови обвинители не треба да зафати повеќе од една третина од постоечкиот состав.

Лидерска средба

Дилемите и стравувањата во јавноста не се се случајни. Начинот на кој ќе биде решена натамошната судбина на СЈО беше проследена со бројни шпекулации за разни партиски притисоци со цел да се еутанизира оваа институција или драстично да ѝ се намалат надлежностите. Една од тие битки веќе е добиена: „бомбите“ нема да можат да се користат како докази во над дваесет случаи што ги отвори СЈО по јуни 2017 година. Иако од СЈО тврдат дека и без „бомбите“ имаат доволно докази, извесно е дека со елиминирање на снимките ќе се спасат осомничени во предмети кои се базирале најмногу на материјалите од незаконското прислушување. Меѓу нив е и предметот „Попис“ кој се води против лидерот на ДУИ, Али Ахмети и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Mazedonien Anklage der Sonderstaatsanwältin Katica Janeva (DW/P. Stojanovski) Јанева: Може некој да се спаси, а некој може да биде плус обвинет

„Може некој да се спаси, а некој може да биде плус обвинет“, изјави обвинителката Катица Јанева.

„Но, ние во суштина сме задоволни што ни се проширува надлежноста. Не сме ограничени само на ‘бомбите’, бидејќи во периодот што го анализиравме сметаме дека има и други прекршувања на Кривичниот законик. Mожеби сега во одредени предистраги ќе отвориме и многу покрупни предмети од овие што ги имаме“, рече Јанева.

И покрај ваквите најави, во јавноста доминира впечатокот дека е затапена ударната острица на СЈО. Особено е засилен впечатокот дека со предлог-законот и дополнително ќе биде ослабено СЈО, со оглед дека на неопходното двотретинско мнозинство за негово изгласување ќе претходат лидерски средби, односно „пазарења“.

Од независната опозициска пратеничка група, во која има лица опфатени со истрагите на СЈО, не се изјаснуваат дали ќе дадат поддршка на предлог-законот. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара лидерска среда, а премиерот Заев вчера потврди дека таа ќе се одржи.

„Време е да одржиме лидерска средба. Прво, заради реформите и реформските закони во Собранието, второ, заради претстојните претседателски избори. И трето, вредно е да се разговара за кое било отворено прашање. Јас секогаш давам шанса на дијалогот“, изјави Заев.

Според неофицијални најави, средбата ќе се одржи викендов.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.