Зошто израелското вселенско летало се заби во Месечината и што бараше таму? (ВИДЕО)
Леталото беше наречено Берешит, што на хебрејски се првите зборови во Библијата: „На почетокот…“.
Слетувањето на Месечината, или како било друго небесно тело, воопшто не е лесен потфат.
Советската Луна 2 беше првото летало кое во 1959 година слета на Месечината. ТРи години подоцна, американскиот Ренџер 4 исто така се спушти на Земјиниот природен сателит. Но во двата случаи стануваше збор за таканаречено тврдо слетување, односно за неуспешно слетување кога леталото се разбива про контактот со тлото. Првите меки слетувања беа остварени во 1966 година, кога СССР и САД успешно спуштија свои летала на Месечината.
Беа потребни речиси 50 години за трета земја да успее да слета на Месечината, и тоа Кина во 2013 година со леталото Чанге 3.
Израел сакаше да стане четвртата земја во светот која извршила меко слетување и првата која со приватна компанија контролирано спуштила летало на Месечината, но за жал, нештата не се одвиваа според планираното.
Со последниот маневар во средата, вселенското летало влезе во тесната елиптична орбита околу Месечината која е оддалечена меѓу 15 и 17 километри од површината на Месечината. Потоа следеше разочарувачкиот крај.
Откако беше изгубена комуникацијата со леталото, пораснаа тензиите во контролниот центар. По некое време, директорот на Израел аероспејс индастрис, Офер Дорон, објави дека мисијата не била успешна, пренесува Би-би-си.
„За жал, не успеавме да слетаме“, кажа тој. Сепак подоцна истакна дека сепак оствариле големо достигнување. „Успеавме да стигнеме до Месечината. Ова е големо постигнување. Ние сме седмата земја која стигнала до Месечината“.
Кога се случил прекинот на комуникацијата, Берешит патувал со брзина од над 3.000 км/ч и се наоѓал на околу 120 километри од предвиденото место на слетување.
„Сметаме дека не го спроведовме на најдобар начин слетувањето на Месечината. Работиме на тоа да сфатиме што се случило“, соопшти приватната компанија СпејсИЛ, која ја водеше мисијата.
Според информациите на страницата на СпејсИЛ, леталото требало да слета во Морето на ведрината (Mare Serenitatis), кое се наоѓа на северната полутопка на Месечината.
Имајќи предвид дека во тој регион, споре компанијата, се регистрираат интересни магнетни аномалии, станувало збор за совршено место за поставување магнетометар, односно мерен уред за мерење на интензитетот на магнетното поле или магнетниот момент.