ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Зошто е важно повеќе да се следат мутациите на коронавирусот?

Научниците ширум светот анализираат примероци за да забележат појава на нови соеви на коронавирус, а опсегот на анализирани примероци, од финансиски причини, варира многу од земја до земја. Зошто?

На врвот на листата на земји што ги анализираат мутациите на коронавирусот е Исланд, кој анализира околу 78% од примероците, додека земјите од Западен Балкан анализираат помалку од 0,5 проценти. Степенот на анализата одредува колку информации ќе има светот за однесувањето и ширењето на вирусот, пишува Радио Слободна Европа.

Според Универзитетот Џонс Хопкинс во САД, бројот на примероци анализирани од различни земји низ светот за откривање на нови соеви на вирусот варира во голема мера.

Исланд, Австралија и Нов Зеланд се меѓу земјите што анализираат најголем број примероци, Исланд анализира повеќе од 70 проценти од примероците, Австралија околу 59 проценти и Нов Зеланд 47 проценти.

На дното на листата се Азербејџан, Молдавија и Етиопија, кои анализираат околу 0,005 проценти од примероците.

Земјите од Западен Балкан, со исклучок на Словенија, анализираат помалку од 0,5 проценти од примероците.

Кои се моменталните соеви на коронавирус?

Делта сојот на коронавирус за првпат се појави во Индија во октомври 2020 година и оттогаш се прошири во повеќе од 80 земји во светот.

Според податоците на Европскиот центар за превенција и контрола на болести, делта сојот би можело да зазема 90 проценти од новите случаи во Европската Унија до крајот на август.

Светската здравствена организација на 1 јули предупреди за нов бран на инфекција токму поради новиот сој.

Како што беше соопштено на 4 јули, делта мутацијата се шири низ Азија, додека Австралија и Јужна Кореја бележат рекорден број на нови инфекции. Овој сој доведе до зголемување на бројот на заразени и во Јапонија, а на 8 јули беше објавено дека организаторите на Олимпијадата во Токио се договориле Игрите да се одржат без публика.

Делта сојот се појави и во Аргентина, Бразил, Канада, Чиле, Перу, САД и Мексико.

Што се однесува до Западен Балкан, овој сој најпрво беше идентификуван во Хрватска на 28 јуни, потоа во Косово на 29 јуни. Откриен е во Србија на 1 јули. Првиот случај на заразен со делта сојот на коронавирус во Северна Македонија беше регистриран на 7 јуни годинава.

Симптоми на делта варијантата се главоболка, болки во грлото и течење на носот, и според истражувањето спроведено во Велика Британија, губењето на чувството за вкус и мирис многу поретко е симптом отколку кај алфа сојот.

„Овој сој е многу полесно да се пренесе. Се смета дека доволен е контакт од 10 до 15 секунди за некој да се зарази. Вирусот навлезе во младата популација, што е очекувано бидејќи оваа популација е помалку вакцинирана“, вели за РСЕ, Јелена Беговиќ, директорка на Институтот за молекуларна генетика и генетско инженерство во Белград.

Според шкотската студија објавена во The Lancet на 14 јуни, делта сојот се поврзува со приближно двоен ризик од хоспитализација во споредба со алфа вирусот, но уште нема докази дека овој сој е посмртоносен.

Кога станува збор за ефикасноста на вакцината, една студија спроведена во Велика Британија покажува дека двете примени дози на вакцина се многу ефикасни против делта сојот.

На 5 јули, израелското Министерство за здравство пријави намалување на ефикасноста на Pfizer/BioNTech вакцината во спречувањето на инфекциите на COVID-19 и симптоматските заболувања, но сепак е многу ефикасна во спречувањето на потешки форми на болеста, пренесува Reuters.

Ефективноста на таа вакцина во превенција на инфекции и симптоматски заболувања се намали на 64 проценти од 6 јуни, според Министерството за здравство на Израел. Во исто време, вакцината беше 93 проценти ефикасна во спречување на хоспитализации и посериозни симптоми на коронавирус.

Според извештаите на медиумите, научниците исто така го следат ширењето на ламбда варијантата во Јужна Америка, што се појави во август 2020 година.

Повеќе од четири милиони луѓе починаа од последиците од заразната болест COVID-19, а повеќе од 185 милиони луѓе ширум светот се заразени од почетокот на пандемијата.

Please follow and like us:
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.