ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

ЗНМ на тест, изборот на Чадиковски под прашалник

По којзнае кој пат новинарската фела е исправена пред нови поделби. Вчерашниот избор на Младен Чадиковски за претседател на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) создаде комплетен хаос околу толкувањето дали изборот е легитимен. Претставници од телевизиите Телма и Канал 5 реагираат на изборот, дел медиуми го поддржуваат, некои претставници од верификационата комисија тврдат дека требало да има втор круг на гласање, а дел честитаат за изборот на Чадиковски, кој го наследи досегашниот претседател, Насер Селмани.

Социјалните мрежи вријат од кавги, препукувања и навреди меѓу новинарите и уредниците од различни медиуми, па оттаму, како и да завршат последните случувања, останува фактот дека новинарската фела е далеку од обединување.

На вчерашното Изборно собрание, од 555 членови на ЗНМ, се појавија односно се регистрираа 175 претставници, а од нив гласаа 169. Се претпоставува дека тие шестмина си заминале по регистрацијата.

Од 169 гласови, за Чадиковски гласале 86, за неговиот противкандидат Столе Наумов 77, а шест ливчиња биле неважечки.

Претседателот на ЗНМ, според Статутот, се избира со мнозинство гласови од присутните на изборното собрание. Тука дојде и најголемата забуна, односно дилемите се развија околу делот дали за присутни се смета бројката од 175 претставници (колку што се регистрирале на почетокот на собранието) или пак бројката од 169, колку што гласале.

Со оглед на тоа што мнозинство од 175 е 88, а не 86 (колку што доби гласови Чадиковски), дел медиуми и новинари си зедоа за право да го прогласат изборот за нелигитимен. Дел пак, за присутни членови ги сметаат само оние што гласале.

„На списокот пишува колку членови зеле избирачки листови и тој список е веднаш предаден. На него пишува 169 членови. Едно е верификација на кворум за собрание, а друго верификација на гласање. Второто одеше по име и презиме, сите кои се регистрираа беа повикани. Шестмина си заминале. По таа логика требаше воопшто да не се бројат гласовите затоа што немаше 175 пријавени за гласање. Никој не го оспори бројот на гласачи, ниту броењето, ниту пак резултатите. Така што или е неразбирање или е тенденциозност. За првото се обидувам да објаснам, за второто немам намера да влегувам во дебата бидејќи не го организирав собранието“, вели Тамара Чаусидис од изборната комисија.

Новинарот од веб-порталот „Сакам да кажам“, Горан Трпеновски, кој беше дел од верификационата комисија, се повикува на Правилникот на ЗНМ, каде што се вели дека „доколку ниту еден кандидат не го добие мнозинството, се преминува на втор круг на гласање“.

Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ вели дека на самото Собрание немало ниту еден приговор и сè поминало во најдобар ред.

„Приговор немаше од страна на присутните ниту по објава на резултатите од гласањето по што истото беше затворено од страна на претседавачот. Ако има било какви дилеми околу легитимноста околу примената на статутот сакам да укажам дека автентично толкување на одредбите на Статут на ЗНМ дава Собранието на ЗНМ на седница на Собранието. Освен ова, помеѓу две собранија, толкување на одредбите на Статутот дава Управниот одбор на ЗНМ“, вели Секуловски, одбивајќи да се впушти во толкување на Правилникот на ЗНМ.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.