Зеленски: Русија контролира 20 отсто од Украина

Русија сега контролира околу 20 отсто од територијата на Украина – ова е многу повеќе од Белгија, Луксембург и Холандија заедно, изјави претседателот Володимир Зеленски, пренесува Би-Би-Си.
Во своето обраќање пред парламентот на Луксембург, тој рече дека речиси 125.000 квадратни километри сега се во рацете на Москва. Тоа го вклучува Крим и делови од источна Украина кои руските сили ги зазедоа во 2014 година, што сочинуваше приближно 7% од територијата на Украина.
Зеленски рече дека сегашната линија на фронтот се протега на повеќе од 1.000 километри.
Речиси 12 милиони Украинци беа принудени да ги напуштат своите домови од почетокот на руската инвазија на 24 февруари, а над пет милиони од нив – главно жени и деца – заминаа во странство, рече тој. ОН велат дека вкупниот број раселени е речиси 15 милиони.
Зеленски, исто така, тврди дека руските воени загуби сега изнесуваат повеќе од 30.000 – повеќе од вкупните советски жртви за време на војната во Авганистан во 1979-89 година и двете чеченски војни во 1994-2000 година.
Русија досега даде детали за повеќе од 1.300 смртни случаи во Украина.