ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Зеленски до грчките пратеници: Слобода или смрт

Зеленски во своето видеообраќање упати молба до Грција да го искористи своето влијание како земја членка на ЕУ и изрази уверување дека со грчката помош во пракса може да извојуваат победа во војната. Тој додаде дека е потребно да се изнајде начин за руската војска да се исфрли од украинска територија, за како што рече, напаѓачот да научи оти оној што ја одбира војната на крајот ќе изгуби

Во Украина ние денес зборуваме: „Слобода или смрт“, исто како и Грците пред два века, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во видеообраќањето пред грчките пратеници потсетувајќи ги на грчкото востание против Отоманската Империја во 1821 година.

Видеообраќањето на украинскиот претседател се пренесуваше во живо, преку Собранискиот канал, а Зеленски поголемиот дел од говорот го посвети на украинскиот град Мариупол – градот каде што живее грчката заедница и се осврна на врските меѓу Грција и Украина.

„Украина е една од православните земји што Грците ја христијанизираа и се чини дека ќе изгубиме голем дел од историјата ако ја изгубиме културата што ја носи грчката цивилизација“,

рече Зеленски во своето обраќање до грчките пратеници и додаде оти градот е во лоша состојба и оти нема зграда која не е оштетена.

Тој рече дека покрај Мариупол загрозена е и Одеса – уште еден голем центар на хеленизмот.

„На Мариупол и на Одеса им е потребна помош, итна помош, итна поддршка“,

рече Зеленски и додаде дека Русите напаѓаат и преку копно, и од воздух, и по море.

Тој упати и молба до Грција да го искористи своето влијание како земја членка на ЕУ и изрази уверување дека со грчката помош во пракса, може да извојуваат победа во војната. Зеленски додаде дека потребно е изнаоѓање начин за руската војска да се исфрли од украинска територија, „за напаѓачот да научи оти оној кој ја одбира војна, на крајот ќе изгуби“.

„Русите се разбудија од сонот дека ќе успеат да ја покорат Украина. Украина е исправена и во овој момент треба заедно да го спасиме она што заедно го создадоа Грци и Украинци“,

истакна Зеленски.

Зеленски говорот во грчкиот парламент го заврши со пораката „Слава на Украина“, а неговото обраќање беше проследено со аплауз од присутните.

Претседателот на парламентот, Константинос Тасулас, истакна оти помагајќи ѝ на Украина ѝ помагаме на слободата, а собраниската седница ја нарече историска и посветена на херојскиот народ во Украина.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.