Здравствените власти препорачуваат седење дома кога е најзагадено
Нема нови мерки и препораки од здравствените власти за заштита од загадениот воздух кој ги гуши граѓаните. Министерот Филипче на денешната прес конференција во Владата ги повтори истите совети како и изминатите години. Да не се излегува од дома кога е најзагадено, да се носат маски и да се јаде овошје и зеленчук.
-Како вие лично и вашите најблиски се заштитувате од аерозагадувањето за да знаат и граѓаните, бидејќи ова што го кажавте е веќе видено и слушнато?
-Да се ограничи движењето колку што може и да се седи во затворени простории кога тие концентрации се навистина високи, и секако маските даваат делумна заштита, одговори д-р Венко Филипче, министер за здравство.
Иако од Владата постојано тврдат дека преземаат мерки за намалување на загадувањето, но состојбата била таква каква што е и требало подолго време да се почувствува бенефитот, експертите за јавно здравство сметаат дека кога е многу загадено потребни се поригорозни мерки за сообраќајот, контроли на градилиштата и домовите кои користат сомнителни материјали за затоплување.
-Во градот има околу 40-50.000 домакинства кои користат различни извори на затоплување, изјави проф.д-р Драган Ѓорѓев, од Институтот за јавно здравје.
Инаку на најавата на Филипче дека ќе обезбедат околу 50.000 бесплатни маски за граѓаните со хронични заболувања реагираа од ВМРО ДПМНЕ од каде велат наместо празни ветувања и работи кои што не можат да го спречат загадувањето и да ја намалат штетата од истото за граѓаните, Филипче треба да ги примени мерките за спречување на енормното загадување на воздухот предложени од страна на ВМРО-ДПМНЕ, се вели во дел од нивната реакција.