ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЕНЗИИТЕ
Најавеното зголемување на пензиите нема да предизвика ребаланс на буџетот, тврди вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Фондот за пензиско осигурување е стабилен и во него има пари.
Битиќи вели дека состојбата со ПИОМ е многу подобра од пред пет години, кога наследиле огромна финансиска дупка. Она што се уште е нејасно, е каков модел на зголемување на пензиите ќе се одбере.
Новата методологија за пензиите ќе се спроведе низ разговори и преговори со сите засегнати страни, тврдат и Битиќи и премиерот Ковачевски, кој пак најави дека дијалогот помеѓу Министерството за труд и социјална политика и Асоцијациите на пензионерите ќе почне веќе в петок. Во меѓувреме, од најголемата опозициска партија побараа фиксно зголемување на пензиите, за што веќе и поднеле амадман за измени на Законот за пензиското и инвалидското осигурување.
– Народот е се посиромашен и потребно е покачување на платите со цел граѓаните да не ја почувствуваат кризата. ВМРО-ДПМНЕ поднесе и предлог за покачување на пензиите за 20%. СДСМ да не бега и да ги поддржи предлозите на ВМРО-ДПМНЕ.
Во услови на зголемување на минималната плата, но и поскапувањата на трошоците за живот, пензионерите сметаат дека покачување на пензиите мора да има. Но, се плашат од дополнително поскапување на цените на производите.
Од друга страна, премиерот Ковачевски најави скалеста финансиска помош, при што оние пензионери со најниска пензија ќе добијат најмногу, а оние коишто имаат повисоки, соодветно на тоа ќе го добијат износот на своите пензии.