За три недели со ковид се заразиле 14 096 граѓани, од нив 83 отсто се невакцинирани
За една недела 54 лица, кои веќе еднаш биле позитивни на ковид-19, повторно се заразиле со вирусот, а од почетокот на епидемијата заклучно со 22 август 2021 година, детектирани се 351 случај на реинфекција
Според анализата, процентот на хоспитализирани лица што се невакцинирани изнесува 89 отсто, додека само 11 отсто од сите хоспитализирани пациенти во моментот се целосно вакцинирани
Во периодот од 6 до 26 август се регистрирани нови 17 020 случаи на ковид, од нив вкупно 2 924 биле целосно вакцинирани, односно 17 отсто, а 14 096 или 83 отсто биле невакцинирани, соопшти Министерството за здравство.
Според анализата, процентот на хоспитализирани лица што се невакцинирани изнесува 89 отсто, додека само 11 отсто од сите хоспитализирани пациенти во моментот се целосно вакцинирани.
За вакцинирани се сметаат лицата што се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.
Според податоците на Министерството, во истиот период со ковид починале 276 лица, од нив 246 биле невакцинирани, а останатите 30 имале примено вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе хронични заболувања.
„Заразените и починатите се вакцинирани со вакцини што ги има на располагање кај нас, како и вакцини ‘Модерна’ и ‘Џонсон и Џонсон’, кои некои од пациентите ги примиле во странство“,
велат од Министерството за здравство.
Институтот за јавно здравје ја анализирал и епидемиолошката состојба во земјава во периодот од 15 до 22 август, при што е детектирано дека за периодот од една недела 54 лица, кои веќе еднаш биле позитивни на ковид-19, повторно се заразиле со вирусот.
„Ако се анализира состојбата од почетокот на пандемијата, заклучно со 22 август 2021 година, во земјава вкупно се детектирани 351 случај на повторно заразување со вирусот“,
информираат оттаму.
Министерството за здравство апелира до граѓаните да се вакцинираат бидејќи, како што велат, само така ќе се постигне колективен имунитет и ќе се спречи ширење на мутации на СарсКов2.
„Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација, секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход“,
велат од Министерството.