За една недела државата се задолжи за 860 милиони евра
Ново задолжување на државата од 160 милиони евра кај Европската Унија. Парите ќе се трошат за справување со последиците од Ковид-19 и за структурни реформи, велат од Владата. Со издадената еврообврзница, вредна 700 милиони евра, за само една недела вкупното задолжување само на странските пазари достигна 860 милиони евра. Каматата за еврообврзницата е речиси колку новиот заем, односно за 6 години ќе треба да се вратат над 150 милиони евра. Опозицијата смета дека власта избрзала и затоа каматата била толку висока – 3,67%. Ако почекале уште 2 дена, цената на еврообврзницата би била пониска. Мицкоски имал сознанија и дека е препродадена, а само од разликата од камата, странците ќе заработат 21 милион евра.
Ако е точно е страшно затоа што 21 милион ги чини граѓаните само што не почекаа два дена од тоа што ја набавија таа еврообврзница. Настрана од тоа дека треба да платиме 170 милиони евра камати и прашањето е зошто ги имаме најлошите услови убедливо од сите и зошто само на 6 години се издаде оваа еврообврзница, но за тоа ќе ви одговорат претпоставувам надлежните, изјави Христијан Мицскоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Парите од задолжувањето се неопходни за функционирање на буџетот оваа и наредната година, тврди власта. Заедно со кредитот од Светска банка од 140 милиони евра, и од ММФ- 176 милиони евра, се затвора финансиската конструкција за оваа година. Но, Мицкоски смета дека до крајот на годината ќе бидат потребни уште 350 до 400 милиони евра, за да не се наруши ликвидноста во државната каса.